Суштини, 85-91

Суштини

85. Болно

Скок од висок врв
На пуста планина
Во длабина празнина
Како последен крик
Пред последна смрт
На едновремени
Воздив и издив.

И лелек и немост
И плач и бол
И бол и бол и бол.

86. Изделен миг

Се издели миг
Од камена градба
Како тврдина
Оставена сама
Да им пркоси
На векови
До премалување
До исчезнување.

Се издели миг
Како
Скаменет корен
И се вивна
Во облачно небо.

87. Скршени зборови

Он совреме собра
Неколку свои
Први и последни
Зборови
Развеани насекаде
Наоколу
Од нечие невреме.

Па ги скрши
Како
Сноп суви прачки
Наполу.

Па запали оган
Па легна крај него
Да се згрее
И да чека да згасне
Молчешкум.

88. Средби

Уште живо ги памети
Сите средби со луѓе
Кои го препознале
Или ги препознал
Како трагачи на свет
Кој исчезнал дамна
Во кој биле жизнени
Во кој биле радосни
Во кој биле спокојни.

Во кој биле слободни
Да споделуваат
Траења и судбини.

89. Собир

Се собраа млади
Без стари
За да одлучат
Како натаму
Откако конечно
Заборавија
На минатото кое
Ги обврзуваше
Да продолжат
Внимателно
Кон рани зори.

Во кои ништо
Не навестува
Некаква промена
На опстанокот
Меѓу нивни
Далечни светови.

90. Како отсега

Ме прашуваш како отсега
Откако стасавме заедно
На прапочеток на љубов
Што досега не била
Меѓу нас
Или не можела да издржи
Далеку без нас.

Ти одговарам како отсега
Јас и ти ќе откриваме
Колку досега откривме
Од нас смислени игри
За наши рожби
Непобедливи.

91. Деноноќно

Најпрвин деноноќно
Ги сликаше немирите
И собитијата
На својата стварност.

После деноноќно
Ги следеше игрите
И возбудите
На својата заумност.

Најпосле деноноќно
Ги сонеше соништата
И духовноста
На својата изворност.  

СУШТИНИ, зборопој, зборови за пој, елементарна поезија

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.