78. Понорница
Следам понорница
Над земја под земја
Не дозволувајќи ѝ
Да ми се изгуби.
Над земја под земја
Е жива сал за мене
Е жива сал без мене
Кога сум со неа исто
Колку таа со мене.
Некогаш
Ми се присторува
Дека тече и жубори
Некако побрзо
Некако појако
Над земја.
79. Трпеза
Нема што нема
На трпезава за гости
За мене со скитници
И за намерници
Со мене низ светот.
Секакви јадења
Печени недопечени
Варени недоварени
Слатки солени
Кисели
Вкусни безвкусни
Секакви пијалоци
Благлути
Жешки ладни.
Но никој ни
Да ѝ се доближи
А камо ли да седне
Да се насити
Жед да угасне.
Како сите присутни
Да чекаат некого
Што ќе седне
На нејзино чело.
80. Танц
Се собрале луѓе
Млади возрасни стари
Голи
На брег на бистра река
И танцуваат.
Се струполуваат
На земја
Едни врз други
Па фатени за раце
Летаат на небо
Па радосно се фрлаат
Во бистрата река.
Ритамот и музиката
Ги слушаат само тие.
81. Постојан
Го знаат од памтивек
Како човек постојан
Пред сè и во сè.
Постојаноста за него
Е суштествена.
Поготово кога бил
Принуден
Да се прилагодува
Поготово кога е
Принуден
Понешто да менува
Во себеси.
Го знаат од памтивек.
82. Проста живеачка
Он заспива доцна
Та предоцна
А се буди прерано
Пред изгрејсонце
Или предоцна
По зајсонце.
Денот му зборува
Секогаш за исти
Големи премрежја
Ноќта му глувее
Според временски
Неприлики.
Имал свои ближни
Кои одамна ги нема.
83. Осилени
Се осилиле силни
Им се силат на силни
Дека можат сенешто
Сосила
И дека слаби
Не им се потребни.
Заборавиле
На силните ветришта
Од сите страни
На овој светот.
84. Патешествие
Едно патешествие
Незаборавно
Според времето
Времетраењето
Според далечините
Просторите
Според изненадите
Преживелиците
И според целта
Се врежало со знаци
Со слова во цртежи
На врв на живот
Од еден миг до друг.
Едно патешествие
Ничие.
СУШТИНИ, Зборопој/Зборови за пој, елементарна поезија




