Суштини, 43-49

Суштини

43. Угриз

Загриза коска
Фрлена од молк
Во јава
Само гриз
Дека гризе глад
Студ го гризе
В срце.

Сал еден гриз
Сал огризок
Од коска в грло
Од срцевина
На оган
Претсмртен.

44. Олелија

Се зададе олелија
Од суви грла
Олеликави
Од пред едно време
Ко ниедно олошено.

Та прекуноќ
Олистија дрвја
На густа шума
Што ќе ги сокрие
И ќе им го олесни
Животот
Од навалици
На рани смртни.

Надежни луѓе
кои по олелија
Пак ќе се оличат
Разбрани.

45. Бран

Некој бран
Од нов почеток
На бранување
На свест
Дека постои свет
Бранлив
Или однапред
Бранест.

Може да е брана
На бранач
Од многу раѓања
Залудни.

46. Иден

Неговиот идентитет
Не е идентичен
Со на ниеден друг
Жив или мртов човек
Што иде без престан
Кон некаде
Или кон никаде.

Никој не го разбира
Неговиот идентитет.

Пред сè затоа што
Неговиот идиолект
Е преполн со идиоми
И идеограми
Без почеток без крај
Во бескрајна игра
На судбината
Со векови создавани.

Прочитај и за ... >>  Суштини, 15-21

47. Бескорисно

Зошто сè корисно
Да е за некого
Кога бескорисното
Дамна користело
Кога нешто требало
Да биде и да трае
Извесно време.

Тој знае
Дека со бескорисно
Сè
Околу него во него
Е празно е минливо
И безначајно.

48. Стремеж

Стреми парче земја
Плодна
И семиња најдени
Во водена и сушна
Земја.

За плодови кои
Ќе му даваат сила
Да истрае
Стремејќи се
Кон некоја цел
Различна од сите
Негови.

На која ќе соѕида
Дом за потомци
Со негови предци.

49. На нога

Уште е на нога
Па може да стане
Кога ќе посака
Да сврши работа
Од нога.

Но зошто бавно
Речиси несетно
Му станува камен
Левата
Па по неа десната
Нога.

Не може ни чекор
Напред
А снага
Да не му премали.

Нешто му вели
Дека нозете
Ќе му откажат.

СУШТИНИ, зборопој/зборови за пој, елементарна поезија, 36-42

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.