113. Може
Не знам дали можело
кога можело да биде
мало па големо
или големо па мало
затоа што можело
но секако знам дека
некаде во дамнина
ридон пред мене
е пренесен во миг
од далечно место
пусто без мене
од неодамна за мене.
Ридон ми докажува
зошто може да може
кога мора да може
да живеам долго
во предел
кој го менувам според
моите можности.
114. Разглед
Што било да е на разглед
не би требало да се остава
само или во друштво
на призраци дојдени кога
треба да се откриваме
себеси пред свет во кој
никој никого не познава
ниту му треба за што-годе.
На твој разглед е
промена што не била
што не е и нема да биде
повторлива.
115. Диво цвеќе
Никој не знае да каже
зошто е ова диво цвеќе
израснато и расцутено
во невреме
крај твоја врвица.
Речиси ја покрила
доволно да не можеш
да ја прескокнеш.
А зошто би.
Само провери дали
мириса на питомина.
116. Накривено
Не е јасно зошто
правиш сенешто
настрането накосо
за да не е направо
во право време.
А ти збориш
како да не сакаш
никој да разбере
колку време тоа
трае накривено.
117. На враќање
На твое враќање
од којзнае каде
ни ти не знаеш
значи патем.
Прво догледуваш
па согледуваш
сè во самост само
пепел и студ.
На враќање
те обесхрабрува
тишина која
те следи потајно.
118. Меѓу корени
Легнувам во корени
да одморам од долг пат
до пред ново беспаќе.
Корени земни,
корени надземни,
корени подземни.
Корени стари
корени нови
испреплетени
прво еден во друг
после еден до друг
па пак еден со друг
и одново еден по друг
за мене
во векови безвремено.
Ме обзема спокој
дека сум еден од нив
земен надземен
и подземен.
119. Камен
Камен се стркалал
од врв на некоја
од моите планини.
Се скамени кога
се стркалав и јас
како камен.
Големи сме
јас и каменот
скаменети
обајцата стркалани
од врв на некоја
од моите планини.
Воин на мртва војска
се обидува
со голи раце
и со гола снага
да продре
во нашите јадра
огнени.
СУШТИНИ, зборопој/зборови за пој, елементарна поезија





