106. Брзо
Зошто брзо сега брзо
кога долго брзо
беше нужно брзо
дури пребрзо да биде
некогаш.
Зарем брзо не било
никогаш досега
како што било нужно
додека било долго
бавно дури пребавно
како што се чинело.
Не е добро сè побрзо
часкум
за здравјето
ако не за друго.
107. Нема што
Кога има што
не се знае зошто
се докажува дека
нема ништо
наместо барем
некогаш барем
да се замисли
што е нешто.
А што има
а што има.
Затоа што секогаш
имало како што
има зошто.
108. Чад
Се извива чад до небо
се шири на небо
покрива небо над луѓе
што да немаат небо.
Луѓето се прашуваат
од каде е чадот
каде ли е огнот
дека одамна се знае
штом е чадот сè погуст
огнот
каде и да е сè повеќе
ќе се разгорува.
Зарем нема кој ни
да проба да го угасне
до ново утро.
109. Собитие
Од многу собитија
едно собитие
како да се изделува
според смислата
силината сивината
и стаеноста.
Никој не му го знае
почетокот
а никој не мисли
дали негде има крај.
Како секој да сака
да трае цел живот.
110. Призив
Се слуша призив
во ноќ
предолга за преумора
да се излезе надвор
за да се види дали има
уште ѕвезди и месечина
за нова квечерина.
Призивот го слуша
само еден што е одамна
научен во глува ноќ
да биде сам.
А баш би сакал
да има барем уште еден
како него.
111. Пред крик
Со часови леат солзи
момчиња и девојки
мажи и жени
стари и старици
собрани околу
отворен гроб
крај кој е ковчег
со мртовец на сонце.
Солзи молчешкум
скоро пред крик.
112. Мост над река
Сум пред мост на река
дамна без свое корито
а брза а пенлива
а брановита.
Мостот е каменен
и има траги на ветер
што го правел
што го градел
векови и векови.
Не поврзува туку
како да оддалечува
два брега.
Белки нема да се урне
додека минувам по него.
СУШТИНИ, зборопој/зборови за пој, елементарна поезија





