Најнапред е нужно да се направи дистинкција помеѓу национализмот како движење за обединување на необединети народи од иста националност, што претставува мошне силен кохезионен фактор кој ги одржува луѓето на иста територија и го чува нивниот културен и национален идентитет, и национализмот како политичка идеологија која има за цел издигнување на интересите на една нација наспроти интересите на други.
Без оглед што во минатото поимот национализам понекогаш е употребуван и за означување на движење за стекнување на национална независност и афирмација на сопствениот национален субјективитет, тој денес значи злоупотреба и манипулација на националната свест на припадниците на одредена нација, а во дадени услови и контрареволуционерна активност на одделни класни претставници на една нација.
Национализмот по правило се дефинира во односот спрема друг, на друга нација или националност, што се потценува или дури оспорува. Начелно, не постојат разлики помеѓу „добар“ и „лош“ национализам, затоа што тој според своето општествено и идеолошко битие тој е негативен.
Форма на национализам е и економскиот. Тој подразбира протекционистичка економска политика со цел државата што повеќе да извезе стока на светскот пазар и да ја продаде, додека од друга страна да го попречува увозот со разни царини и проверки на стандардот на квалитетот. Притоа се препорачува, се води кампања да се купува „само домашно“. Економскиот национализам го забавува тргувањето во капитализмот и е пречка на глобалниот слободен пазарен систем, за кој се залагаат либералите.
Национализмот не треба да се меша со чувството за национален идентитет и со патриотизмот кој, пак, е израз на верност и љубов спрема својата земја и нација со разбирање за друг. Според своето битие, патриотизмот е единствен, а ако во практиката добие негативна форма се претвора во национализам.
Терминот „национализам“ доаѓа од францускиот збор „nationalisme“, што значи љубов спрема својот народ, патриотизам, народен егоизам.
Тој се појавува релативно доцна, во 1812. година, и тоа во теолошко значење како назив за учење според кое некои народи се избрани од Бога. Идеите на првите национални движења во Европа биле идеи на новиот дух на рационализмот, значи прокламирање на слобода, единство, верба во разумот, заложба за еднакви политички права и еднаквост пред законот, а пред се издигнување на идејата за братство на сите луѓе кои живеат во рамките на една територија. Националистите од тоа време тврдат дека светот е поделен на нации и секоја има специфичен карактер, историја и култура. Човековата слобода ја врзуваат за припадноста на нацијата и, за разлика од либералите, сметаат дека глобалниот мир и правдата се можни единствено со претпоставката дека светот е создаден од автономни нации.
На почетокот од 19. век настанува недвосмислена свест за националното начело како идеја водилка која инспирира, но принципот на националност и натаму не е зрел како основа за политичкиот живот на Европа. Националните незадоволства се зголемуваат и потчинетите народи стануваат свесни за својот национален карактер, па почнува да се буди идејата за слобода и самостојност. Најмногу се чувствуваат во Италија, Ирска, на Балканот и во германските земји, меѓу кои националната хомогеност била на мошне ниско ниво.
Со обединувањето на Италија и Германија, национализмот ја завршува својата прва мисија, што ја има како движење за обединување на необединети луѓе од иста националност, и постепено се менува во политичка идеологија која има за цел фаворизирање на една нација во политичка, економска и културна смисла, во однос на други. По Првата светска војна, поради катастрофалната економска ситуација и општата депресија на општеството, како реакција на лошиот живот во поразените земји се јавуваат екстремни варијани на тоталитарен национализам што прераснуваат во шовинизам-фашизам во Италија и нацизам во Германија.
Кога е во прашање национализмот на Балканот, тој исто така има негативна конотација и може да се подведе под онаа група која национализмот го покажува величењето на една нација во однос на друга. По Втората светска војна во ослободените територии на предвоена Југославија на власт доаѓаат комунистите и во наредните 50 години национализмот станува табу тема, а Комунистичката партија настојува да уништи секаков вид нанационален идентитет, освен оној што таа го програмира-југословенскиот. Но, тоа што за национализмот не се говори не значи дека го нема. Напротив, Комунистичката партија него го држи под длабок мраз, но тој постојано се заканува да излезе на површината.
По растурањето на Југославија на повеќе етнички, независни држави во 90-тите години на 20. век, дозата на национализмот и силниот набој што се чувствува во Србија, Хрватска и Босна, кој политичарите го злоупотребуваат вешто, неминовно доаѓа до крвави судири помеѓу тие три нации, со илјадници мртви, стотици илјади протерани од своите домови, уништено стопанство, огромна немаштија.
Треба да се спомне позитивната варијанта на национализмот која е најздрава и најисрекна, а се огледа во љубовта спрема својата нација, без нејзино истакнување во однос на други, стремеж кон единство и меѓузависност во заедница на братски расположени граѓани, како и однос спрема своето културно и национално наследство и традиција, како основи на нацијата.
Всушност, станува збор за етноцентризам-степен на чувство и разбирање на заедничка култура и заедничко потекло и блискост. Тоа значи ставање на својот етницитет во центарот на сопственото внимание, високо (некогаш на врвот) на листата на сопствените вредности. Тоа подразбира колективно самољубие, „вљубеност“ во својата етничка група, чувство на задоволство и гордост поради нејзината посебност и нејзините културни одлики (тадиционални носии, музика, народни ритуали, обичаи, празници, хана).
Етноцентричноста подразбира толерантен однос спрема други етнички, национални, расни и културни групи, односно признавање и прифаќање и други луѓе да доживуваат ист однос спрема своите етнички и национални групи. Етноцентристите не истакнуваат никаков ексклузивитет на својата нација, не ја споредуваат со други, не чувствуваат никаква мачнина (духовна и просторна) од присуството и постојаниот контакт со други етнички групи, не сонуваат за граници кои јасно ќе ги издвојат етничките групи помеѓу себе.
Во дејствена и акциона смисла, етноцентричноста (етноцентризмот) подразбира заштита на малцинските култури и чување на историските и културните вредности, нивно вклучување во светското културно наследство, изнесување на „светлината на денот“ за со својата убавина, посебност и вредности да привлечат пошироко внимание и интерес. Со тоа и кај припадниците на други етнички и национални групи се јавува потреба да се заштитат и да ги направат светски достапни творбите на „вашата“ култура. Таквата етноцентричност може да биде инспиративен и мобилизирачки фактор кој ќе го поттикне уште повеќе културното творештво на една група, и ќе влијае врз економскиот, социјалниот и политичкиот развој и напредок.
Најголем степен на негативна национална, расна и културна свест и поимање на националните и групните интереси е секако шовинизмот. Тој се изразува низ отворена омраза спрема други етнички, култуни и национални групи. Тоа е национална исклучивост и непомирливост со положбата на својата нација во опкружувањето. Шовинизмот изразува отворено непријателство спрема другите нации. Тој настојува на секој начин сопствената нација да се изолира и да се „огради“ од другите нации или другите нации, етнички, културни, расни групи да се потиснат и „отстранат“ од просторот што го зазема „мојата“ група оти се доживуваат како постојана „закана“ за нејзиниот хармоничен и мирен развој.
Денес национализмот од една страна стана прибежиште на сите граѓани верни на традицијата и нацијата, кои се плашат од глобализацијата како процес што го убива националниот и личниот идентитет, а од друга стана идеологија подобна за разни манипулации со граѓаните кои се плашат од глобалистичките процеси.
(Слика: Карта на Македонија од 1913.)