121. Никогаш
Река понорница
понира под карпа
со изгревно сонце.
122. Сегде
Најдлабока трага
на човек што можел
да открива нов свет.
123. Предизвик
Откорнато дрво
со исушен корен
да почне живот.
124. Дебнач
Се сокрил во сенка
на високо дрво,
дебне толпа во молк.
125. Обгори
Недоброј обгори
оставаат лузни
на лица милосни.
126. Едноставно
Сè се случува
спроти нови изгреви
во време скудно.
127. Имашлив
На потомците
без мака спечалено
не им остава.
128. Азно
Големо азно
искрал скришно од народ
во студенина.
129. Устреми
Тргнале луѓе
кон светлина далечна
како ѕвездена.
130. Оживување
Мраморна стена,
жива на виделина,
над мртов виден.
СТРОГОСТИ НА ФОРМИ, песни со зададени зборови