Говор и градба

Потребно време за читање: < 1 минута

Говор во кој се влегува
И од кој се излегува
Наврапито
Додека некој слушач
Се обидува да измести
Интерпункција
Која ќе му користи само
Додека не почне
Нов говор.

Во него е сè подредено
На мали и големи слова
За нечие постоење
Како нескротлив оган
Кој скоро ќе излезе
Од контрола на човек
Кому студена смрт
Му влегла в коски.

Говор кој не се слуша
Ни одблизу ни оддалеку
А се наслушнува
Громок
Или тивок
Како нежен шепот.

Градба во говор што е
Негово живеалиште
Под ведро небо и сонце
Под облаци неизвесни.

Доволно висока
Доволно длабока
Доволно широка
И доволно цврста
Што да не ѝ може никој
Со ништо како било
Да ја разруши.

Говор и градба во говор
За утре да нема што
Да се порекнува
Камо ли да се премолчува
Или да се сомнежи.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 38