37. И смрти
Запре срце,
се разлеа крв на небо,
меѓу облаци и сонце;
ненадејно, мигум
оган згасна ветар
што завејува сечии
секакви траги
на минат живот
разнебитен.
Се скамени молк
меѓу четири ѕида
на урнатина
дамна освоена
од војска што ништи
безгрижни игри
на деца и мајки
во мајчини утроби
надежни;
дека ќе се родат
за спокој
на родно стебло
од корен до плод
вековит.
Премалена снага
во години
легнала да почине
во смртна постела
зашто веќе нема
никаде со никого
да сподели опит
и мудрост
насобрани
во неговите коски,
во нивната срж;
кога веќе самоста
почнала
да му ја одзема
трајноста
сосе минливоста
во неговото време.
И многу други смрти
видов, преживеав
до пред мојов
последен чекор,
до пред мојов
прв лет
кон бесконечноста.