8. Човек и човек
Човек и човек заедно
заживеале во едно
живеалиште
со коски во темелот
на предци кои им биле
во дамнина заборавени,
но откриле нивни
траги на опстој
и завет дека огнот
во огништата
пред кого било
ќе го бранат
до последен здив,
никогаш да не угасне
во нивните срца
и нивните семиња.
Човек и човек заедно
заживеале во едно
живеалиште
не само поради тоа,
ами многу повеќе зашто
си верувале еден на друг;
дека имаат енергија
со која ќе надминат
секакви премрежија,
навалици на сомнежи
и секакви ненадејности.
Па почнале заедно
да се грижат
за животворната природа
што ги опкружувала;
да ја доживуваат каква е,
да ја радуваат во игра,
да ѝ ги скротуваат
времињата,
да ѝ ги спитомуваат
екотите, криците,
ветриштата и молњите.
Човек и човек заедно
живееле во вековито
живеалиште
сѐ додека успевале
со зборови, немости,
заемности, соништа,
обусловености, надежи
и убавини
во животворната природа
меѓусебно да се разбираат.
Сега веќе не знаат
еден за друг,
кој е каде и што е.