40. Земја
На земјава моја сум
и кога сум на небо
и недосеглив,
несогледив за секој
помеѓу него и неа,
што се нашол себеси
во непознат свет
бездомен.
Низ векови сум бил
за неа извор сокриен
во тишина,
за неа река понорница
нескротлива,
за неа ветар разлутен
меѓу корени на живот
со неизбришливи знаци
на опстој.
Секогаш бевме
еден здив, една мисла,
едно достојание;
како да бевме родени
заедно во миг
што ќе го помни
човештвото
според самопрегорот
и доблеста.
На земјава моја јас
стојам простум кога
сум гладен, жеден,
сум јаден, скрвавен,
сум спокоен, возбуден,
сум стамен, премален
помеѓу
дела и дребнавости,
во свет на
трајности, безличности,
крајности, безмерности,
случајности, минливости,
рамнодушности,
мрачнини и виделини,
на мои докажани
единствености.