СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

29. Во заветрина

Не може ни овој ветар
да те натера да излезеш
на чистина,
па потоа да те одвее
незнајно каде;
како сите досегашни
што дошле до тебе,
те опколиле
силни и виорни,
а по некое невреме
продолжиле по свој пат
без тебе.

Ти цел живот си наоѓал,
си наоѓаш заветрина
пред секакви сомнежи,
стравови,
пред насетени порази
или лични загрози.

Во заветрина те наоѓам,
те здогледувам
среде борба за слобода
на секој нов збор
што се обидува
да си го докаже
како дел од свој говор
дете годиначе
кое штотуку проодува.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.