Стареењето и долговечноста

Потребно време за читање: 7 минути

Врз должината на животот влијаат повеќе фактори. Здравата долговечност неминовно претпоставува целосен пристап на животот и здравјето во кој сите аспекти, како што се исхраната, генетиката, екологијата, вредносниот систем и општествената организација, духовноста и традицијата, ќе имаат значајна улога во подигнувањето на културата и квалитетот на живееето и пробивањето на границите на човековиот век.

Меѓутоа, еволуцијата на подобар и подолг живот во нашево време, која може да се мери и со очекувани години на старост, не донесе квалитет во сите аспекти на човековиот живот. Фактите покажуваат дека, и покрај сите напредни технологии, луѓето денес работат повеќе отколку што се работело некогаш, помалку се одмораат, се дружат, имаат помалку слободно време, имаат повеќе стрес, помалку комуницираат и престојуваат во природа. Квалитетот на животот не е во согласност со стандардот на живеењето, а што претставува апсурд.

Канцеларијата за национална статистика уште во 2005. година предупреди дека бројот на луѓе кои примаат државна пезнија во Британија до 2031. ќе изнесува 15.3 милиони пензионери.

Баронеса Грингрос (Baronesa Greengross), извршен директор на Меѓународниот центар за долговечност во Велиика Британија, укажува дека подобар општествен ангажман е клуч за подобрување на здравјето на старите луѓе.

„Работата е од клучно значење, зашто обезбедува ментална и физичка активност, самодоверба, општествена интеракција и приход. Ненадејното заминување во пензија не мора секогаш да биде меден месец како што очекуваме.

Клучот за постарите луѓе е можност за избор- што значи прописи со кои би се поддржале оние што сакаат да работат, било делумно било полно работно време, како и иницијатива за поголем општествен ангажман за оние што не сакаат повеќе да работат“.

Гордон Лисман (Gordon Lishman), генерален директор на невладината организација Ејџ Концерн (Age Concern), вели:

„Луѓето кои денес имаат 40 и 50 години веројатно ќе живеат 90 години. Многумина постари луѓе ќе посакаат да имаат можност од избор да работат подолго или да работат пофлексибилно. Со тоа постарите луѓе ќе имаат шанса да стекнат повеќе пари што ќе ги користат во староста, да ги употребат своите вештини или да стекнат нови, да ја одржат самодовербата и да одржуваат општествен контакт“.

А дали е точно дека предвременото заминување во пензија резултира со подолг живот? Научниците докажаа дека не е!

Во суштина, оние што престануваат да работат на 55 години имаат двојна стапка на смртност во однос на оние што продолжуваат до 65- тата.

Една студија, објавена во медицинскиот билтен „Бритиш Медикал Џорнал“ (British Medical Journal), била спроведена над 3.500 вработени во петрохемиската индустрија кои во пензија отишле на 55, 60 и 65 години.

Мажите многу почесто умираат помлади отколку жените, како и оние со ниски примања во споредба со оние што имаат највисоки заработувачки. Научниците утврдиле дека постои огромна разлика во должината на животот помеѓу лицата кои во различно животно доба одат во пензија.

Истражувачите од Шел Халт Сервис (Shell Health Services) од студијата ги исклучиле првите 10 години од животот за оние кои во пензија одат на 55 години и првите 5 години за оние кои одат на 60, за да направат фер споредба со лицата кои продолжуваат да работат до 65- тата година.

Вработените кои во пензија заминале на 55 години имале значително повисока стапка на смртност во споредба со лицата кои дури на 65 години стануваат пензионери. Наспроти тоа, вработените кои во пензија одат на 60 имаат слична стапка на смртност како лицата кои стануваат пензионери на 65.

Но има едно прашање кое постојано отвора дилеми и многу повеќе надеж: дали постои формула за долговечност? Поточно, дали во блиска иднина ќе биде пронајдена таква формула со која ќе се запре процесот на стареење? Се разбира, одговорот е во времето, но…

Некои се согласуваат: хармоничниот живот гарантира долг век.

Конкретно: што е тоа што во културата, стилот на живеењето и исхраната на одредена нација би можело да се издели како образец во однесувањето и живеењето кој придонесува за долговечност и подобро здравје?

Официјалната медицина денес се обидува да одговори на ова прашање. Некои истражувања веќе покажуваат поврзаност на одредени аспекти на живеењето и исхраната, а кои имаат врски со болестите и должината на животот.

Се посочува на следниов „процес“: луѓето значително го продолжиле својот век од периодот на бронзеното доба, кога просечниот живот траел сенасе 18 години.

Во времето на Христа просечниот Римјанин можел да очекува дека ќе живее 22 години. 1.500 години подоцна современиците на Леонардо да Винчи живееле просечно 30 години. Во времето на Абрахам Линколн просечниот граѓанин можел да се надева дека ќе живее 42 години, а на крајот од 19. век просечниот живот на мажот бил 46,2, а на жената 48,3 години. 80 години подоцна мажот го продолжил векот на 69,2 , а жената на 76,9 години.

Со откритието на антибиотиците и победата над инфективните болести повеќето „големи убијци“ беа елиминирани во 20. век.

Денес најопасни се срцевите заболувања и ракот. Со нивната елиминација човекот би можел да доживее до 95 години, а кога би се елиминирале сите болести просечниот век би можел да биде максимални 100 години.

Па сепак, вистинска причина за смртта е стареењето. Тоа е само по себе болест. Многумина оптимистички стручњаци сметаат дека и староста како болест ќе биде победена, продолжена, дури до период кога ќе може да се втопи во бесмртност.

Еве еден кус преглед на места и земји во светот со долговечно население:

Абхазија (Грузија)

Со илјадници години кавкаскиот регион на Абхазија и луѓето кои живеат помеѓу Црното и Каспиското море биле познати според тоа дека живеат подолго од другите. Нивната сила и издржливост станаа легендарни.

За многумина се твдело дека се стари повеќе од 130 години, а извесен Ширали Муслимов умрел во 167- та година. Иако постојат големи сомневања во точноста на овие податоци, непобитно е дека голем број на стари имаат близу 100 години и повеќе. Освен тоа, има многу витални 90- годишни луѓе.

Припадниците на овој народ мошне многу водат сметка за својот добар изглед и виталноста и една од најголемите нивни вредности е достигнување на долговечност. Мошне е честа појавата мажи да стануваат татковци во своите 90-ти, а жените да раѓаат во своите доцни 50- ти.

Освен харомничниот живот, кој се состои од лесни оброци, семејна атмосфера, тие умерено работат до својата смрт, така што никој никогаш не се пензионира. Абхазијците не сакаат да брзаат, не прифаќаат наметнување на рокови и никогаш не работат до состојба на исцрпеност. Исто така го сметаат за крајно непристојно брзото и изобилно јадење. Нивната дневна и животна рутина е повеќе врзана за биолошките ритми, отколку за наврат-нанос обрасците на живеење, кои доминираат во најразвиените земји. Инсистирањето на свежина на храната е една од битните особини. Храната е најчесто готвена или сурова, никогаш пржена. Главен дел од оброкот го чинат свеж зеленчук, јадресто овошје и млечни производи слични на јогурт. Месо користат во мошне умерени количества. Користат лук како лек за многу болести, од дизентерија до ревматизам. Во Абхазија најпознатиот лек се подготвува од лук и вотка. Исто така, медот е една од најчесто користените намирници, а од пијалоци многу се користат разни видови на чаеви.

Се претпоставува и дека освен овие карактеристики на животниот стил, тајната на долговечноста се наоѓа и во самите кавкаски планини.

Хунза (Пакистан)

Уште еден од народите во кој повеќето луѓе живеат неверојатно долги животи е Хунза, кој живее во Пакистан.

Иако многумина припадници на овој народ заслугите за долгиот живот им го припишуваат на свежото овошје и локалното вино, други сметаат дека е тоа локалната вода која придонесува за нивната виталност и долговечност. Изолираноста на самиот предел исто така придонела за создавање на речиси совршен животен стил. Дел од тоа е и идеалниот политички систем во кој владетелот во договор со најстарите членови ги решава проблемите, кавгите и судирите. Не постои затвор, а во последните 100 години се забележани само неколку случаи на убиства. Живеат на надморска височна од над 2.000 метра.

Вилкабамба (Еквадор)

Трето место познато по исклучително голем број на стогодишници е селото Вилкабамба, сместено високо во планините на јужен Еквадор.

Научниците го проучувале нивниот живот, но не успеале да ја откријат тајната на нивната долговечност. Од 819 жители, истражувачите нашле 9 стари100 или повеќе години и многу други во нивните 90- ти. Неколкумина луѓе тврделе дека имаат по 140 и 150 години. Иако постојат сомневања во овие тврдења, едно е сигурно- дека голем број на луѓе се приближуваат до 100 години, многу повеќе отколку во повеќето други заедници во светот. Болести на срцето и ракот не се познати.

Сувата планинска клима, надморската височина од околу 1.300 метри и локалната храна се сметаат за главни причини за долгиот живот. Жителите на Вилкабамба минуваат доста време во работа на полињата. Внесуваат малку калории и јадат главно зеленчук, пченка, пченица, мешунки и мали порции месо помалку од еднаш неделно. Слично на народот во Абхазија, сексуалниот живот го одржуваат до доцните години, а мошне стари мажи се женат со помлади жени. Користат лековити билки кои растат во околината. Водата е чиста и земјата е богата со минерали.

Јапонија

Во Јапонија бројот на стогодишници е голем и константно се зголемува. Новите статистики покажуваат „драматичен“ пораст од 15%. Јапонките во просек живеат 86, а Јапонците 79 години. Жените се многу побројни помеѓу стогодишниците, со учество од 84%. Од дури 40.000 стогодишници, 87% се жени.

Научниците со години шпекулираат што е тајната на долгиот живот во Јапонија.

Традиционалната исхрана богата со риба, овошје и зеленчук, а без мрсна храна, се чини е главниот фактор за долговечност на нацијата. Во традиционалната исхрана на Јапонците спаѓаат и плодовите на морето, како и оризот, мешунките (посебно сојата), чајот.

Јапонците продолжуваат да работат и откако ќе им заврши работниот век зашто сметаат дека е тоа добро за нивното здравје, а тука е и дополнителната заработувачка. Секој четврти Јапонец е пензионер, а за четврт век секој трет ќе биде постар од 65 години. Несомнен е придонесот на јапонската влада, која со различни програми ги охрабрува постарите граѓани да останат активни и да продолжат да работат.

Луѓето во Јапонија продолжуваат со режимот на строги вежби до длабока старост, а исто така уживаат и во благодатите на извонредниот здравствен систем.

Во јапонското општество групите имаат приоритет во однос на индивидуата. За разлика од земјите во кои владее натпревар и секој изгледа поважен од друг, овде општествениот баланс почива на скромноста. Традиционалната учтивост се потпира на обичајот секогаш да бидеш поскромен од друг, а израз на тоа е поклонување на друг во знак на почит.

Шинто и Будизмот кохабитираат веќе илјади и петстотини години во земјата на Изгрејсонцето. Ова создало духовни вредности во кои се огледа големо почитување спрема природата и другите.

Инаку, Јапонците се мошне наклонети на ритуали, како во религиозните храмови, исто така и во самите домови. Чајот се пие на ритуален начин, се палат инсенси. Во куќата не се влегува обуен. Тоа се смета за неприфатливо зашто се внесува нечистотија од улица.

Шведска

Иако нема голем број на стогодишници, оваа земја веќе со децении е во врвот според долговечноста на своите граѓани.

Швеѓаните се вредни, работни, економични, прагматични и развиле најнапреден систем на социјални служби на светот. Речиси да нема област во која тие не примаат некој вид на државна помош, ако за тоа постои потреба. Се грижат едни за други исполнувајќи лични, образовни и културни потреби на секоја индивидуа. Имаат исклучително развиен здравствен и геријатриски систем.

Во согласност со развојот на современата наука, пред се квантната физика, дојде до значајни поместувања на границите на видување на стварноста и животот посебно. Материјата повеќе не се смета за цврста основа на се: докажано е дека таа во својата суштина е со телесна природа и претставува одраз на енергијата која вибрира во самите атоми. Врз основа на тоа се развива и еден холистички поглед на светот и здравјето, кој поединецот го третира како низа на енергетски полиња (физички, емоционални, ментални и духовни), кои дејствуваат во содејство и чиј дебаланс доведува до пореметувања на функционирањето на системот, односно на здравјето на единката.

Leave the first comment