Старци

Потребно време за читање: < 1 минута

-Уште колку ќе живееш, старецу?

-Зошто прашуваш?

-Зашто те гледам многу стар.

-Па што?

-Дека ти посакувам да живееш уште многу години.

-Не ќе е оти само ми посакуваш. Попрво ќе е оти се плашиш да не умрам, па ти да останеш без мене, конечно сам.

-Не знам зошто да се плашам. И јас сум  веќе многу стар. Нема врска што сум помлад од тебе.

-Нема да живеам уште многу.

-Сигурен си?

-Сосем.

-Зошто си сигурен?

-Затоа што премалев од одење по разни патишта не наоѓајќи го мојот.

-Јас мислам дека можеме заедно уште некое време. Ако се крепиме меѓусебно.

-Јас не мислам, ама доста стоевме. Ајде полека кон реката што пресушува забрзано. Да стигнеме до неа, па на нејзин брег да починеме.

-Не ми одговори уште колку ќе живееш.

-А знаеш ти уште колку?

-Знам. Утре изутрина. Чувствувам како срцето ми чука сè побавно. Утре изутрина ќе престане.

-Не верувам. Ти како да се плашиш од смртта?!

-Олку стар да се плашам?!

-Од кај да знам. Мислам слушајќи те…Уште колку јас? Секако уште доволно…Сè мислам дека патов кон реката што пресушува забрзано е мојот. Конечно го најдов.

-Блазе си ти…Мој сигурно не е…Време е да се разделиме. Мене реката ми е премногу далеку и не ми значи ништооти знам дека нема брег на кој заедно би починале.

-Како нема?! Како може река без брегови, без макар еден брег?

-Не знам како, ама може. Како што можеме јас и ти да стоиме во место олку стари.

-Можеме оти сме веќе многу стари, ама уште живи.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 64