Отсекогаш беше самотничка. Не само од пред многу години со нас, туку и години пред тоа, како сосетка на други. Според сопствено кажување како признавање: „Се знам себеси како самотничка од млади години. Откога во сообраќајка загинаа татко ми, мајка ми и сестра ми, а јас останав жива по многу последователни операции и долго закрепнување“.
Никој од нас нејзините соседи не ја знаеше по име или презиме, па сите ја викавме Старата. На секој наш довик се одзиваше како да се вика така. И секогаш со блага насмевка.
Самотијата не ѝ оставила никаква трага на лице и на нејзината вита става. Само годините темни подочници.
Ја одржуваше чистотата на куќарката, тревникот околу неа, разновидните цвеќиња одгледувани внимателно, со љубов и радост. Физички јака? Зачудувачки! На пример, со стравување ја гледавме качена на највисоко газиште на дрвена скала, до една од неколкуте стари и високи овошки, како со рачна пила в раце ја крои, ѝ сече одвишни гранки.
Еднаш ја прашав Старата:
-Си имала љубов, Стара?
Ми одговори со загадочна насмевка:
-Мислиш сум немала, нели? Со оглед на годините самотија…Така е. Не сум имала ниедна. Ми се нуделе, ми се предлагале, дури ми се наметнувале, но ги одбивав. Ниедна не беше за мене…Би лажела кога би рекла дека не ми требала љубов. Напротив. Нема човек кој може без неа…Ми било пишано до смрт да бидам самотничка.
Јас помирливо:
-Човек може да живее самотнички, но не може непрестано сам, без блиски, пријатели, соседи, без соживеачка…
Старата со ведра насмевка:
-Па и јас не сум непрестано сама…Ти си ми сосед, добар, вистински. Се дружиме час-два во денот, преку ден, во два-три дена, преку два-три…Ми помагаш, кога можам ти помагам…Друго е самотништвото што го имаш ти предвид…Изолирачко…Тоа е неподносливо…Тоа е нечовечко…
Во денот, па и во добар дел од ноќта Старата е повеќе надвор од нејзината трошна приземна куќарка, одошто во него. Седната на дрвена клупа, во сенка на стара слива и јаболкница, со книга в раце. Книгољупка? Ревносна читачка? Би можело да се каже. Но, мошне интересно: читачка исклучиво на белетристика, на романи и новели. Исто така мошне интересно: со никого не споделува ништо во врска со прозата што ја чита. Дури ни насловот и авторот. Ако ја праша некој нешто, најчесто не одговара, притоа преправајќи се дека не чула.
Јас не ја прашувам откога неколкупати на мои прашања во врска со книгата што ѝ е в раце кусо ми одговори:
-Нема врска.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 50