Среќа

Жива мисла

Теодор Вишен за себе вели дека е среќен човек. Тоа не сака или не знае да го објасни, но секогаш ја нагласува насушната потреба на човекот за среќа. Па ако ја нема ја бара, подеднакво во големите и малите нешта што го опкружуваат. И во луѓето со него, за него и околу него. Обично ја наоѓа поначесто наеднаш, ненадејно, дури неочекувано по долга потрага.

Теодор не е обземен од среќа. Може да се рече никогаш, бидејќи таа му е секогаш доволна.

Тој цврсто верува во среќен живот. Што е среќен живот? Секогаш кога не е расположен да обаснува и образложува, него го изедначува со спокојниот, ведриот, кој е во хармонија со природната средина и опколина. А не пропушта да ја истакне и нераскинливата врска со љубовта.

Ѝ вели на својата последна љубов Румена, од пред седум ипол месеци:

-Љубовта и среќата се секогаш заедно, Румена моја. Нема среќа без љубов и нема љубов без среќа. Тие се неразделни колку во човекот, исто толку, ако не и повеќе за него. Среќен човек е вљубен зашто е среќен и е среќен зашто е вљубен.

Има вљубен, а несреќен, вљубена, а несреќна? Се разбира дека има. Но, тогаш ни љубовта ни среќата не се целосни, а несреќата уште ги снеможни траењето, силата и убавината на љубовта.

Знаеш дека ти си ми последна единствена љубов, Румена моја. Да, нема што да кријам од тебе. Сите пред неа ми беа последни и единствени. Сосем е неважно колку биле на број. Веќе не се, па не се ни љубов ни среќа.

Јас љубовта и среќата најпрвин ги поврзувам со доблеста. Таа и како позитивна карактерна особина и како потврдена храброст. Затоа ни е богата и сестрана заедничката живеачка. Ќе ни биде допрва.

Еве што сè сум напишал досега за среќата во мојата „Жива мисла“:

Среќен е човек кој живее еднакво за себе и за друг или за себе и за други.

Прочитај и за ... >>  Престројување-прекројување на светот

Среќен сум кога ќе откријам човек во човек. И јас и тој сме среќни зашто сакаме луѓе и луѓе нè сакаат.

На среќните луѓе не им запира времето. Затоа што среќата не им зависи од неговиот тек.

Мудриот човек знае дека не постои несподелена среќа.

Ведрината на духот носи среќа за други.

Несреќен си штом немаш свој внатрешен извор на среќа. Надворешниот е со тебе како да не е.

Едно е да си среќен, а друго да мислиш или да веруваш дека си.

Среќата е секогаш близу до тебе.

Ја гледаш твојата среќа? Блазе си ти.

Несреќен доблесно ја поднесува среќата на други.

Добрина за среќа и со среќа.

Среќа во чекор следи мудар човек.

На едни малку, а на други многу им треба за да бидат среќни. Зависи од подготвеноста да се биде среќен.

Многу среќа во долг живот? Може многу повеќе во краток.

Несреќен човек прави среќни луѓе со достоинстено поднесување на несреќата.

Добри и среќни луѓе градат долготрајно заедничко живеалиште.

За да бидеш среќен доволно е да сакаш да бидеш. Притоа да не сакаш да бидеш посреќен.

Од квалитетот на нашиот живот најмногу зависи нашата среќа.

Достоен за среќа оти прави добри дела.

Тага одвреме-навреме навалува на среќата за да ја разнебити.

Ниедна среќа не е само среќа.

Грижи го загрозуваат здравјето на твојата среќа.

Човекот ја гради и ја разурнува својата среќа.

Несреќата на несреќните луѓе не ја остава рамнодушна среќата на среќните.

И среќни и несреќни деноноќно бараат среќа.

Не те засега среќата на другите? Тогаш е невозможно да си среќен.

Им досадува на сите со својата среќа, а не се ни обидува да ја сподели.

Среќа никој никому не му подарува. Секој со својата среќа.

Не е среќен оној што зборува лошо за среќен.

Прочитај и за ... >>  Минливото време

Со добрина и доблест против длабока тага.

Глупавите се среќни меѓу глупави, а несреќни меѓу паметни.

Завидливи и зависливи пред и зад среќни.

Нема тајни за среќа. Има многу тајни предизвици во неа.

Сиромав не е среќен во својата сиромаштија. Богатиот е среќен поради тоа.

Го измами и затоа си жив среќен.

Среќата не е постојана. Се бранува како море од надежи и илузии.

Не прави никаква неправда кон никого и ќе бидеш среќен.

Секогаш има кои не сакаат да слушаат за твојата среќа.

Среќа е да ти е сè доста.

Среќата и здравјето се во каузална врска.

Двајца несреќни тргнале на пат кон заедничка среќа.

Секогаш мислиш дека си повеќе среќен отколку што си и помалку несреќен отколку што можеш да бидеш.

Самотникот во спокој ја наоѓа својата среќа.

За среќата се бориш, а несреќата навалува да те порази.

Нема среќа меѓу лоши луѓе.

Во здраво тело здрав и среќен дух.

Ни среќата не е случајна кога има правила на игра.  

Ти заминала среќата? Не барај да ти се врати. Барај нова.

Внимавај среќата несетно да не ти се излизга од раце.

Не си среќен штом бараш преку леб погача.

Не се поразува со среќа непријател.

Несреќен го губи последниот пријател со кого не ја споделил својата среќа.

Разбира туѓа болка човек кој ја брани својата среќа.

Среќен си и додека се бориш за среќа.

Среќата е во тебе, а од тебе зависи дали ќе ја пронајдеш совреме или не.

Зол човек му прави зло на среќен човек. И не сака да ја препознае неговата добрина.

Биди скромен. Не ја величи својата среќа.

Среќата знае да дојде предоцна? Да, поради преголема несреќа.

Среќен гол човек!

Не е среќен оној што не го менува своето мислење.

Немало, ниту може да има среќа за сите.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 33

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.