Спокој на чистина

Потребно време за читање: < 1 минута

Излегол на чистина спокој
Што долго издржувал навалица
На недоумица
На прашања безброј
А ниеден одговор за замисла.

Чистината е непрегледна
Меѓу две далечни планини
Или меѓу две висорамнини

Којзнае од кога замолкната
Изгледа страдална.

Спокојот е познат
Во двата света човечки
Со човек стварен и заумен
Најмногу како расположба
предизвикана пред немири
За да не им дозволи на грижи
И стравувања
Да заболуваат потомци
Да бришат знаци и писмо
На предци.

На чистина спокојот
Се надева дека нема долго
Да биде сам.

Се надева дека многу скоро  
ќе му се придружи уште еден
Барем
Со кого ќе споделува иднина
Достоинствена.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ. Превирања, стихозбирка, 35