Спокојство, едноставност, меланхолија

Потребно време за читање: 4 минути

Спокојството над сѐ. Тоа не значи само да се воздржиш кога треба, да воспоставиш внатрешен мир, рамнотежа, туку значи и себепознавање, стаменост пред светот и секојдневните доживелици. Спокојството не треба да се брани, туку да се негува. Свеста за него не е само решавачки агенс, ами и фундамент на дијалогот со други. Спокојството е рамнотежа на духот, но и таложена мудрост.

Спокојството е хармонија на внатрешниот свет во допир со надворешноста. Хармонијата, пак, е согласност, сообразност на деловите што побудува чувство на угода, додека дисхармонијата побудува чувство на нелагода.

За Питагорејците, за кои принцип на филозофијата е бројот, светот е бројна хармонија. За Хераклит хармонијата на светот се состои во некаква напнатост на различни спротивности и сили. Според Лајбниц, опстојува престабилираната, однапред утврдената хармонија помеѓу душата и телото, кои не стојат во каузална врска, туку нивните дејствувања се одвиваат само паралелно, како што тоа бог го одредил однапред.

Не треба да бидете филозоф, ниту психоаналитичар, за да воспоставите внатрешна рамнотежа, хармонија, како предуслов за спокојството или внатрешниот мир.

Спокојство, хармонија, едноставност. Како се определува едноставноста?

Прво, како својство на нешто што е „едноставно“, односно што не е составено од делови или не може да се раздели на делови; исто така она врз што не можат да се разликуваат различни, со апстракција разложени својства. Во метафизичките разгледи, почнувајќи од најстарата грчка филозофија, едноставноста ѝ се припишувала на човековата душа, од што се изведувало дека таа, наспроти телото, не може да се распадне, односно е бесмртна. Едноставноста исто така им се припишувала на атомите (на пример Демокрит), потоа на монадите (Лајбниц) и на други „задни“ елементи на битието (на пример на „реалиите“ на Херберт).

Второ значење на едноставноста: леснотија, својство на она што не е „замрсено“, „тешко изводливо“, „комплицирано“ (едноставна задача, едноставна постапка). Поедноставувањето на нештата, на состојбите, доживувањата, случувањата, не може да оди до упростување што ќе ја обеснажи комплексноста и конотативноста, туку напротив, само до нивно разбирање. За да се прифатат не такви какви што се, туку за да ги менуваме, развиваме, усовршуваме.

Има и едно трето значење на едноставноста, кое повеќе се однесува на човековиот карактер и претставува во основа позитивен елемент: карактеристика која во човековото однесување, држење, облекување и сл. се искажува во природноста и скромноста; човек слободен од сложените барања на модата, општествените конвенционалности, стремежот за истакнување, ослободен од психички комплекси и сл.

Многу нешта можат да ви помогнат ако сте меланхолични, потиштени, нерасположени, што можат да ве смират доколку сте вознемирени:

-на топла вода за капење да и додадете 5 литри јаболков оцет и 1 литар чај од бобинки од смрека, да се капите во неа 15 минути, а потоа да испиете сок од свежо јаболко со лимон и мед или една чаша јаболково вино;

-3 пати дневно да јадете по 250 грама свежи кисели цреши.

За совладување на вознемиреност, страв:

-против страв, на пример од преминување на улица или агорафобија, да се јаде изрендан свеж керевиз или целер зачинет со лимонов сок и масло, и да се пие вода во која е сварен целер. Исто така да се јадат повеќе јагоди, по можност шумски.

За смирување постојат повеќе рецепти со употреба на овошје и зеленчук:

-неколку со употреба на салата .Таа е корисна не само за смирување и добар сон, туку и за подобра работа на црниот дроб: да се јаде салата со секој оброк; неколку листа да се јадат на половина час пред оброкот, затоа што со тоа се стимулира работата на жлездата за варење.

Рецепти за смирување со користење на јаболко, круша, орев, костен, портокал и спанаќ:

-да се јадат јаболка варени во вино или да се пие витамински чај подготвен од сушени јаболка; да се пие сок од свежо зрело јаболко и од портокал засладен со мед; да се јаде салата од јаболка и банани прелиени со мед и сок од лимон или потрокал; да се пие чај подготвен од лушпа-кора од плод на јаболко: лушпи од 2 плода на јаболко да се стават да провријат во 300 децилитри вода, да се поклопи и да се остави да стои 10 минути, а потоа да се процеди, да се заслади со мед и да се пие топол 3 пати дневно по 1 шолја;

-против нервоза, за смирување, може да помогне крушата: јадете свежи круши 3 пати дневно по 1 или 2 плода или пијте сок од круши по 1 шолја на 1 час пред јадење;

-за смирување и против потење помага оревот: две грсти ореово лисје и исто толку пченични трици да се стават во памучна кеса, добро да се врзат и да се стават во соодвете сад, па да се прелијат со 1,3 литри вода; да се вари додека не проврие, да се остави да врие 15 минути, а потоа да се излие во сад, да се додаде ладна вода до поднослива температура за миење и да се мијат рацете и нозете во таа вода околу 20 минути; тоа да се прави во текот на 3 недели; еднаш употребената вода може да се користи уште еднаш, откако ќе се подгрее односно загрее;

-за смирување и добар сон може да помогне и костенот: ако се бањате во вода на која и е додаден измелен плод од див костен.

За смирување може да помогне и портокалот:

-50 грама цвет од портокал да се прелијат со 200 децилитри зовриена вода, да се поклопи, да се остави да отстои 20 минути, да се процеди, заслади со мед и да се испие навечер пред спиење.

Со помош на спанаќ:

-секој ден да се јаде салата подготвена од листови од спанаќ, што се зачинува со лимонов сок, исецкан лук и маслиново масло. По желба може да се додаде и јогурт. Овој рецепт се употребува и за подобрување на умствената работа.

Leave the first comment