142. Гласови и знаци
Откога заодев сам
меѓу мои светлини
и мои темнини
во моето деноноќие,
слушам гласови
прво почетни,
потоа гласови
продолжителни
и откривам знаци
на живот до смрт
како опит, како ука
на знајно постоење.
Гласови кои ништо
и никој не може
да ги оневозможи
во тишина,
знаци кои никогаш
никиј не може
да ги усвои
како незнајни,
ниту како постоење
на свои предци
далечни или блиски.
Гласови и знаци
неизбришливи,
непорекливи,
за во незаборав.
Меѓу моите светлини
и моите темнини
во моето деноноќие
гласовите почетни,
па продолжителни
се жизнени, крилати,
игралити,
а откриените знаци
на живот до смрт
како опит, како ука
на знајно постоење
ме водат во времиња
што ќе докажуваат
дека сум бил
и секогаш ќе бидам
самосвесен,
со мисла и дело
несомнени,
суштествени
за мојот идентитет.