122. Меѓу две синевини
Сега веќе можам
молчешкум
да докажувам
убавина божествена
(значи необјаснива)
на езерска шир;
чии далги ја допираат
небесната синевина
оти во меѓувреме
до неа изѕидав одново
бедеми на тврдина
вековита.
Сега веќе можам
едноставно
да прекажувам
љубов занесна
(значи необјаснива)
на поет и божица
чии тела се допираат,
а никако конечно
да се сплотат
во единствен,
во мигновен
стварен и заумен
подводен свет.
Сега веќе можам
со одбрани зборови
да пренесам спокој
во изгреви и залези
севишни.