116. Грамадна стена
Стојам немошен
пред грамаднава стена
помеѓу единствен живот
оставен во заборав
и неповторлива смрт
на рожба
што не стаса исправена
пред минато и сегашност
да протолкува знаци
оставени од народ
во изумирање.
Се извишила до небо,
како да не можел никој
да ја сопре во растењето
и длабењето низ коски
на предци и потомци
саможртвени;
кои не успеале
да прелетаат бездна
при преселба
во питомина
за леб, игри, сонце
и довици на божества
одговорни за опстојот
на човештвото.
Се извишила до небо
и ја пресекла мојава
врвица
што води до извори
крај огнови,
крај мои воздиви.
Та немошен
да ја заобиколам
одлево или оддесно,
притоа не запирајќи
си го чекорот,
сум во недоумица
и неизвесност
дали некое невреме
ќе удри во неа
и ќе направи процеп
низ кој ќе се воврам,
или ќе се сторам
макар зрно камено,
неплодно до него,
за некогаш да ме дознае,
да ме препознае
некој што одечки
по мојава врвица
ќе толкува знаци
оставени од народ
во изумирање.