СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

86. Помеѓу виделина и мрачнина

Некогаш се гледам сам
помеѓу виделина и мрачнина,
некогаш со ближни и далечни;
личам на себе, речиси сум,
исто како да сум надминал
големи премрежија,
па снага ми е премалена,
па лице ми е испиено,
па очи ми се безизразни.

Помеѓу виделина и мрачнина
јас не можам многу време
да опстојувам со наум
дека морам да стасам
макар пред крај на игра
детинска
со живи бои и громка смеа,
со извишувања до небо
и летови над бездна,
сосе почеток на нова.

Секој што ме догледува
кога се гледам така сам
или со ближни и далечни,
мора да научи дека
и виделината и мрачнината
и ближните и далечните
постојат независно
од вкоренетиот живот
во несомнено минато
сосе скрвавена сегашност
за извесна иднина.

Зашто од нив многу
зависи рамновесието
на воздивите и издивите,
на срцето и крвта,
на огнот и студенината,
на мислата и зборот,
на надежта и сомнежот
во моето тело.

Leave the first comment