СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Немошен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

77. Сонувам прв сон

Прв ми е сонов
како ти се будиш
во темна одаја,
близу до од мене;
заробена тишина
во минато време,
со сенки од птици
фрлени во облаци
од незнаен, туѓ ветар
за да пловат
кон високине планини
до нашиот хоризонт.

Не ми е сонов
од досегашните
со тебе за нас;
ти како шеташ гола
во каменито корито
на сува река,
а сонце ти гори снага
и ја топи како лед
вековит
помеѓу два брега.

Единствен ми е сонов
како во себе растеш
дрво
од глина и смола
со длабок,
со несопирлив корен;
за потоа да го пресадиш
во игра со залудноста
на минливоста
и неминовната смрт.

Ќе го досонам сонов
додека мигум те носи
матна вода од еден рид
во длабока шума
на друг
без живот, без светлина;
дека одамна те нема
во кое било наше
деноноќие.

И нема да се разбудам
сѐ додека си
суштествена, насушна,
додека јас не сум
оној што секогаш
сум ти.

 

Leave the first comment