-Сонуваше?
-Се разбира. Зошто прашуваш?
-И јас сонував. Некако само посебе ми се наметнува прашањето дали некогаш сонуваме заедно и исто.
-Претпоставувам да. Најпрвин затоа што сме заедно и дење и ноќе во стварниот и заумниот свет. Неретко помеѓу стварниот и заумниот.
-А ние сме од ретките кои не си ги споделуваат соништата. Зошто?
-Не знам. Не ќе е оти не веруваме во соништа. Можеби затоа што и нам стварноста ни е сè, само што тоа не сакаме да си го признаеме.
-Ги спомна нашите соништа од помеѓу стварниот и заумниот свет. Јас мислам дека токму тие ни се заеднички, а сите други лични и различни, па треба како такви да ги воспримаме. Секако не да ги толкуваме, ниту да ги преживуваме, туку да ги вградуваме во нашите животи. Или, пак, нив просто да ги браниме од нив.
-Според мене, многу повеќе да ги браниме нашите животи од нив одошто да ги вградуваме. Најпрвин затоа што соништата можат да бидат поттик, меѓутоа можат и да ги оптоварат со занесување, па и со лажна надеж. Значи, на нивното вградување треба да му претходни реална проценка на она што би можело да биде полезно, што би го збогатило нашето заедничко живеење. Наспоредно со нашите лични.
-Сонував како ти и јас одиме по една врвица што води кон брег на широка и длабока река. На која не ѝ го догледуваме другиот брег. Важно е дека сме се согласиле да мислиме што, како и каде откако ќе стасаме на него. Поважно од сè ни е важно дека одиме цврсто и непоколебливо.
-Јас, пак, сонував како стоиме на брег на широка и длабока река, ѝ го догледуваме другиот брег и се мислиме што е најдобро да сториме за што поскоро да стасаме на него. Дилемата ни е дали ќе биде доволно да направиме дрвено високо мовче, што би значело дека имаме натамошна цел, а не враќање назад, или да изградиме камен мост кој ќе им користи и на идните поколенија.
-Прво, мене мојот и твојот сон не ми изгледаат дека се од или за меѓу стварен и заумен свет. А второ, во нив, освен што сме заедно на една врвица, брег и река, не гледам, ниту чувствувам нешто заедничко. Дали тие соништа се дел од еден наш, заеднички?
-Ме разочаруваш што не го согледуваш, не го разбираш, ниту го чувствуваш нашето, единственото, заедничкото, стожерното сонување. Од кое зависи опстанокот на нашата сегашна и идна живеачка. Го заборави мостот?!
-Не, не го заборавив. Прифаќам дека е тој наш, стожерен меѓу нашите стварни и заумни светови. Но, се прашувам како во нашите соништа обајцата се најдовме крај река и зошто сме решени да ја преминеме?
-Немам одговор.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 44




