СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За доблести, метафизички роман

Потребно време за читање: 4 минути

54.

Новооткриено сведоштво за Александар III Македонски од Плутарх и Квинтиј Куртиј Руф (при подолг заеднички престој на Аристотел, Сонцева крв и Александар во Билазора):

Аристотел го подучуваше Александар дека во формирањето на личноста е најважно влијанието врз нејзиниот карактер, особено со сѐ она што ја води кон доблести, меѓу нив и умереноста и смиреноста, како и учењето на она што е корисно за животот.

Сонцева му нагласи на Александар дека треба да му биде вечно благодарен на татко му Филип II Македонски оти одлучил, веднаш по неговото раѓање, за развивањето, воспитувањето и образувањето, освен Леонида и Лисимах, да го ангажира Аритотела.

Аристотел се потсети на писмото од само неколку збора што го доби од Филип: „Филип го поздравува Аристотел. Знај дека ми се роди син. Значи, многу сум им благодарен на боговите, не затоа што ми се роди син, туку оти ми се роди за време на твојот живот. Се надевам дека тој, од тебе одгледуван и образуван, ќе биде достоен и за нас и за наследството во владата“.

Александар знаеше за традиционалното одржување на семејни врски со филозофи, уметници и угледни личности на своето време, а се разбира дека знаеше и за татко му на Аристотел, Никомах, личен лекар на татко му на Филип, кралот Аминта.

Аристотел ѝ рече на Сонцева дека му станал учител на Александар на свои четириесет и две години, кога тој наполнил петнаесет.

Александар по природа беше мошне љубопитно дете. Го привлекуваа науката, книжевноста, читањето воопшто. Познато е дека Хомеровата „Илијада“ ја сметаше за восклик на сите човекови доблести, особено на воинственоста и јунаштината.

Александар ѝ рече на Сонцева дека живо и радо се сеќава на неговото школување и подучување во светилиштето на нимфите кај Мизеја, во близина на Страгира, како и на неговите најдобри другари и соученици; пред сите двајцата идни кралеви Птолемеј и Касандар и неговиот најдобар пријател во животот Хефестион.

На Сонцева крв однапред ѝ беше знајно дека Аристотел го презел Александар со веќе солидни знаења за музиката, поезијата, веќе длабоко навлезен во гимнастиката и воените вештини, па негова основна задача била да го подучи на етика, политика и реторика. Конкретно, тоа значи морално дејствување, особено разивање на честа, трезвеноста, праведноста, благородноста, чувството за мера, на умереност и смиреност, пријателство. Сонцева со восхит говореше за Аристотеловото учење за живеењето својствено само на човекот, дури оградувајќи се од вегетативното живеење, хранење и растење. Во постојана врска со сетилниот живот и дејственоста својствена на разумното битие. Кое, пак, му се покорува на разумот од една, а од друга страна самото поседува разум и мисли. Често го потсетуваше, а и на оваа средба го потсети на неговото учење дека услов за влијание на разумот врз дејствувањето е водржаноста или самосовладувањето. Имено, кај што нема воздржаност се појавува провалија помеѓу разумот и дејствувањето. Предупредува на посебна претпазливост пред задоволствата. Го потсети на „Никомаховата етика“, која често ја читаа заедно. Во неа сето тоа е детално разработено. Додаде и свое оградување (со загадочна насмевка): тоа не важи кога е збор за нивната страсна љубов. Забележа Аристотел? Се разбира, но се преправи како да не слушна.

Аристотел имаше почит спрема Сонцева, особено поради нејзиното живо интересирање за филозофијата, етиката и политиката. Му беше драго оти споделува многу негови промислувања и стојалишта. На пример, принципот на мерата и средината како основно начело на етиката и политиката. Средината во стварите е она што е еднакво оддалечено од една и од друга крајност, а средината во нашата природа е она што не е ни премногу ни премалку.

Сонцева се восхитуваше на Александровата храброст, и тоа токму како средина помеѓу плашливоста и смелоста како претераност. Тој, пак, често ѝ повторуваше дека е лесно да не се погоди целта, а тешко е да се погоди. Значи, не на крајности, туку постигнување на мера, на умереност и смиреност (потенцирани од неа, не од Аристотел) се најпрва задача на човекот.

Александар го изделуваше пријателството како врвна доблест. И идејата за неговата постојаност и континуиран развој тој ја усвои од Аристотел, а како дел од практичната етика. Таа му стана водилка до крајот на животот. Најдокажано е пријателството со Хефестион.

Не ја пренебрегнуваме наклонетоста на Александар спрема езотеријата, наследена од мајка му Олимпијада, инаку голем почитувач на култот на Диониз.

Спротивставено на учењата и ставовите на Аристотел: на Аристотел градот-држава му беше средиште на животот, а Александар сонуваше за светско царство кое ќе ја здружи Европа со Азија.

Аристотел сѐ повеќе се оддалечуваше од Александар и поради неговото прифаќање на различни учења и култови. Кулминацијата настана по погубувањето на Калистен, внук на Аристотел, кого Александар го зеде во својата служба токму по негова препорака. Како осомничен за учество во некоја завера.

Кога Аристотел ѝ говореше на Сонцева за Александар, тој често повторуваше дека е мудар во расправи, храбар во борба, дарежлив спрема достојните, понекогаш непромислен во постапувањето со воините, но праведен, ведар и добар пријател.

Во Билазора, за која е потврдено дека бил најголем и најсилно укрепен пајонски град на крајот од пајонското царство, тројцата престојуваат подолго време со своите времиња на живеење, обидувајќи се да бидат дел од светот на Пајонија. Не да се Пајонци, тоа е просто невозможно и во метафизичка смисла, туку да се макар само миг пред експанзијата на моќните македонски племиња во Пајонија; најнапред околу делтите на реките Аксиј и Стримон, а потоа како дел од сѐ поголемото и помоќно македонско царство.

Археолошките проучувања доведоа до мошне валиден заклучок дека Билазора, во пајонскиот локалитет Градиште кај селото Кнежје до Свети Николе, ја укрепил Филип V со високи и дебели ѕидови. Станува збор за антични град распространет на висок рид кој ги надвишува останатите ридови, и претставува штит на Македонија и македонската северна граница во времето на дарданските напади.

Сонцева крв, Александар III Македонски и Аристотел се во центарот на градот, во акрополата, на градскиот плоштад. Во прекажаното новооткриено сведоштво за Александар III Македонски, од Плутарх и Квинтиј Куртиј Руф, воопшто не се спомнува Билазора. Ниту дека тројцата престојувале заедно во него кога било. Меѓутоа, не е тешко да се претпостави дека престојувале, исто како пред и по воените походи на Александар, насекаде во Македонија, особено во тие предели. Додека била жива и била мртва како жива големата и неповторлива љубов меѓу него и Сонцева крв, и за време на Александровото учење и растење како безвременска личност, будно следено и насочувано од Аристотел. Притоа, треба да се има предвид дека Билазора за сето време на своето постоење била крстосница на патните правци од север кон југ и од исток кон запад, помеѓу границите на тогашна Дарданија, Тракија и Македонија.

Leave the first comment