32.
Македон беше излезен на средба со пријатели и колеги во центарот на Големиот град, во кафулето „Розета“, нивно постојано собиралиште, а Дон и Роза со другари и другарки во најголемото собиралиште на млади-клубот „Авангардисти“. Оваа вечер Ксантија е сама во семејното живеалиште-двокатната куќа од камен и дрво во предградието Север. На телевизиските канали не најде ништо интересно, го остави телевизорот вклучен на еден странски канал со спотови на музички евергрини и го отвори својот лаптоп.
Навистина ли таа и Македон знаат доволно за неутриното? Да, исчитаа многу енциклопедиски одредници и текстови на Интернет, во нивниот фолдер насловен „Знаења, откритија и сознанија“ меѓу фајловите за лорандитот ја поставија и меморираа нивната заедничка енциклопедиска одредница, ама кога ќе почнат да пребаруваат на Интернет, да им се отвораат секакви научни и популарни страници со текстови за него, дури и се разочаруваат од тоа колку се неинформирани. Од друга страна, пак, секако оти на обајцата најнапред не им се ниту блиски, камо ли специјалности физиката, геофизиката, хемиската физика или хемијата, туку етнологијата-Македон и историјата-таа, радо ставаат знак на равенство помеѓу научното, спекулативното, митот, легендата, фантастиката и симболиката, историјата и сегашноста. Согласни се дека при сѐ е најважно директното потекло на лорандитот од Сонцето, односно неговата „единственост“ со светлината, енергијата, дејственоста, хармонијата и со системот на четирите темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.
Внимателно го прочита текстот посветен на лорандитот од Зоран Здравковски, професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот фактултет во Скопје, и од него ги придодаде во фајлот за лорандитот следниве делови (се разбира, со наведување на авторот):
„Талиумот во Алшар се сретнува пред сѐ во форма на минералот лорандит, кој хемиски претставува талиум арсен сулфид. Најчесто има кармин црвена боја и има релативно мала тврдина, слична на гипсот. Значи дека е многу кршлив и бидејќи најчесто се сретнува диспергиран во реалгар или аурипигмент, кристалите што може да се издвојат се мали, обично помали од 1 сантиметар.
Освен во Македонија лорандитот се наоѓа и во наоѓалишта на злато или жива во Таџикистан, во Кавказ, Русија, во Кина, Иран, Швајцарија и на повеќе места во САД. Меѓутоа, Алшар е најбогатиот извор на лорандит. Исто така, треба да се одбележи дека во Алшар се најдени повеќе од 40 минерали, од кои повеќе од 10 во својот состав имаат талиум.
Лорандитот дошол во фокусот на физичарите пред околу триесетина години како можен геохемиски детектор на неутрина. Според т.н. Стандарден модел, познат и како Периоден систем на физичките честички, постојат три типови, или како што физичарите ги нарекуваат „вкусови“ на неутрина. Постоењето на неутриното, за прв пат го постулирал Паули во 1930 година. Има маса нула или многу блиску до нулата, патува со брзина на светлината кога масата е нула, нема полнеж и има неверојатна продорност, па затоа многу тешко може да се детектира.
Соларните неутрина потекнуваат од реакциите на фузија што се одвиваат во јадрото на Сонцето. Според Стандардниот соларен модел, предложен од Бакал , при фузија на четири протони се образува едно јадро на хелиум, а истовремено се ослободуваат две електронски неутрина. Всушност моделот е малку посложен, се одвиваат повеќе процеси и се ослободуваат и други типови на неутрина, но овој процес е доминантен. Интересно е да се одбележи дека неутрината од сончевото јадро до неговата површина патуваат само 2 секунди, додека на фотоните за да го поминат тој пат им треба милион години. Од површината на Сонцето и неутриното и фотонот патуваат со брзина на светлината и им треба околу 8 минути да стигнат до Земјата. Пресметано е дека на секој квадратен сантиметар на Земјата, колку што е, на пример, површината на еден нокт, секоја секунда поминуваат 65 милијади соларни неутрина. Бидејќи неутрината незначително се апсорбираат, практично истиот број поминува и излегува од другата страна на Земјата. Сепак, еден исклучително мал дел од неутрината стапува во интеракција со некои супстанци и таквите ретки процеси се основа на детекторите за неутрина.
Во природата бројот на хемиските елементи изнесува околу 90, а уште петнаесетина, наречени трансураниумови елементи, се добиени по вештачки пат. Овие трансураниумови елементи се нестабилни и всушност само се регистрирани по неколку атоми кои егзистираат во најдобар случај по неколку минути и затоа освен чисто теоретска немаат практична важност. Бидејќи овие истражувања се многу скапи, трансураниумови елементи се откриени/добиени во три лаборатории во светот: Дубна во Советскиот Сојуз, Ливермор во Калифорнија, САД и Дармштат во Германија“.
Допиша забелешка:
Земјата на Сонцето (Македонија) со љубов и достоинствен живот (Сонцева крв и нејзината рожба) ќе му подари на светот многу Сонца (вештачки).
Стана. Беше задоволна од прочитаното и пренесеното, особено од допишаната белешка. Ќе го чека Македон за да му ја предочи. Можеби ќе го подзамисли во таа насока. Ги склопи очите и им се препушти на музичките евергрини на телевизијата.