15.
Децата на братот на Сонцева Бриг, Гаврил, Марко и Мира имаат малку пријатели, а секако најдобри меѓу нив се Филип, жена му Олимпија и нивниот син единец Александар. Филип е на педесет и една, Олимпија на четириесет и седум години, обајцата се историчари посветени на древното минато на македонската цивилизација. Дваесет и осумгодишниот Александар е дипломиран археолог, невработен, без љубов со која скоро би формирал семејство. Живеат прилично повлечено и скромно во приземна куќа во слепа улица, помеѓу две празни двокатни вили на иселеници.
Се сетија на нив откако во големата тетратка на Македон го прочитаа компилацискиот текст, всушност енциклопедиската одредница за славната битка кај Херонеја на Филип II Македонски и син му Александар Македонски. Им се јавија, им најавија дека ќе им дојдат, одамна не се виделе и не се дружеле.
Гаврил:
-Според она што го знам за Филип, Олимпија и Александар, несомнено е дека во нивниот заеднички живот љубовта била стожерна. Таа нема врска со нивното време, ниту со заедничките цели, војувањата и стремежот за освојување на светот. Се разбира, во неа има многу од македонската аристократска традиција, но најнапред била чиста и непореклива. Има уште нешто, може најважно во таква љубов што важи за сите времиња: мудроста. Таа е темелот на секоја таква љубов. И на денешна.
Марко сака да истакне дека историјата никогаш не е, ниту може да биде дефинитивно напишана односно создадена, туку е постојано истражување, длабење во многу минати времиња; едновремено разоткривање и толкување на од најмали до најголеми траги на опстојувањето. Но се премислува, премолчува, решава да слуша внимателно, а ќе се вмеша ако почувствува потреба од некаква додавка или дообјаснување.
Мира:
-Не знам колку знаеме за Филип II Македонски и Олимпија, дали знаеме доволно, но ние сме сигурни дека од вас можеме да дознаеме и научиме уште многу. Тоа просто ни се наметнува кога гледаме колку во вашиов дом се тие присутни. Не само нивни скулптури во разни големини, туку и секакви други белези, траги, отпечатоци, духот на нивното време.
Филип, Олимпија и Александар расположени, ведри, насмеани. Средбава им станува забавна, како да почнува некоја чудна игра без крај, со испреплетување на древни времиња и нивното сегашно, моментново. Ја прифаќаат.
Гаврил:
-Македонскиот крал Филип имал дури седум жени, а со неколку од нив имал рожби: со Адуата ја имал ќерката Кинана, потоа жена му станала Филина од Елимиотис, а Никасиполис е мајка на Тесалоника; Филина од Лариса е мајка на Филип III Аридеј, а Филина Лариса е всушност Олимпија, така ја прекрстил Филип, мајка на Александар Велики и Клепоатра; па Меда од Одеса и Клепоатра Евридика.
Повеќе се знае за Тесалоника, незаконска ќерка со неговата тесалиска конкубина Никесиполис: била македонска принцеза, подоцна и македонска кралица. На денот кога се родила Филип извојувал важна победа во Тесалија, па ѝ го дал името „Тесалиска победа“. По нејзиното раѓање мајка ѝ починала, а грижата ја презела Олимпија. Кога во 323. година пред Христа починал нејзиниот славен полубрат Александар Македонски, дијадосите се интересирале за неа оти женидбата би го легитимирала преземањето на Александровата империја. Меѓутоа, дури по паѓањето на Пидна во рацете на Касандар, во 315. година пред Христа, таа се омажила за него и му родила три сина-Филип, Антипатар и Александар. Касандар ја сакал многу и ја почитувал, па новата македонска престолнина ја нарекол според нејзиното име-Тесалоника, денешен Солун. Позната е нејзината судбина: по смртта на Касандар, во 297. година пред Христа и Филип V, Антипатар го протерал од Македонија братот Александар, а мајка си ја убил.
Има и една легенда за неа: Александар од своите патувања низ Азија ѝ донел еиксир на бесмртноста; кога слушнала за смртта на својот полубрат се фрлила в море, но не можела да се удави, па станала морска сирена; таа ги следела бродовите и се распрашувала дали брат ѝ е жив; ако слушнела дека е мртов, се претворала во горгона и ги јадела бродовите.
Филип и Олимпија си упатуваат кратки и незабележливи погледи, како да се по малку изненадени од познавањата на Гаврил.
Филип:
-За горгоните во митологијата и се знае и не се знае многу. За Тесалоника, пак, чинам најмалку. Биле три сестри-Стенон, Евријала и Медуза. Личеле една на друга, имале заеднички обележја-метални крилја, набрчкани стари лица, сплескан широк нос, животински уши, долги очњаци, метални шаки, коса од живи отровни змии, змии околу појасот. Кој ќе ги погледнел го претворале во камен. Големите очи се божествени, змиите значат смирение и зголемување, а исплазениот јазик е симбол на смртта. Со оглед дека Медуза била смртна, ја убил Персеј, Тесалоника била една од бесмртните-или Стенон или Евријала. Седно која.
Марко:
-Мислам дека за Филип, предводникот на прочуената македонска фаланга, на славната коњица и зајакнувањето на Кралството Македонија знаеме доволно: роден во Пела, во 382. година пред Христа, бил најмлад син на царот Аминта III и царицата Евридика; младоста ја минал во Теба, каде што генералот Епамонид несебично му помогнал да се здобие со воено и дипломатско искуство; македонскиот трон го запоседнал во 359. година пред Христа; убиен е во Ајга, во 336. година пред Христа, за време на свадбата помеѓу Александар I Епирски и Клеопатра, негова ќерка од бракот со Олимпија; го убил Павзаниј од Орестида, еден од неговите седуммина телохранители.
Мира:
-Јас и натаму инсистирам дека, како секој друг знаен или незнаен, и Филип имал една најголема љубов во животот. Тоа секако била Олимпија, неговата четврта жена, ќерката на епирскиот крал Неоптолем I Епирски. Мислам дека е интересно од ономастички-антропономистички аспект менувањето на нејзиното име: при раѓање ѝ дале име Поликсена, „многу гостопримлива“, пред мажењето за Филип II Македонски се преименувала во Миртал, од грмушката мирта, симбол на младоста и убавината, а Олимпија ѝ е трето или четврто име што го добила најверојатно во чест на Филиповата победа на Олимписките игри во 356. година пред Христа, кога се родил и Александар; последното нејзино име е Стратоника-„победничка“, како придодаден епитет во чест на нејзината победа над Евридика во 317. година пред Христа.
Како и да е, знајно е дека таа била исклучително убава, но и самостојна, силна, горда личност. Била следбеничка на мистериозен култ, со убедување дека има божествено потекло, а тоа му го всадила и на Александар. Повторувам: љубов, убавина и мудрост.
Што ѝ треба ова инсистирање? Сигурна е дека само љубовта, убавината и мудроста? Нема и други еднакво важни нешта, на пример довербата, искреноста, постојаноста?
Олимпија:
-А неверствата на Филип II, љубомората на Олимпија, разводот?
Гаврил:
-Ретки се животите без нив. Во нашиов веќе не значат ништо. Можеби вие како историчари можете да оцените колку навистина влијаеле врз дел од иднината на древна Македонија женидбата на Филип II со младата аристократска Македонка Клеопатра, во 337. година пред Христа, која потоа го променила името во Евридика; потоа заминувањето на Олимпија и Александар во Епир, кај нејзиниот брат, кралот Александар I Епирски; и секако кулминацијата-Филиповото нудење тој да се ожени со неговата ќерка со Олимпија, Александровата сестра Клеопатра.
Олимпија:
-Секако дека сето тоа влијаело многу. Според мене, има основа сомневањето дека Олимпија го организирала убиството на Филип. Особено ако се има предвид нејзината наредба потоа да се убијат Евридика и нејзиното дете со Филип, а за да го обезбеди кралскиот трон за Александар. Несомнено е нејзиното големо влијание во Македонија по смртта на Александар Македонски во Вавилон.
Александар чувствува некаков флуид помеѓу него и Мира. Се знаат одамна, блиски се, пријатели, често се заедно, ама досега…Што се случува? Нема збор, убава е, мила. Признава дека му е пријатно дружењето со неа, постојано открива нешто ново и интересно на неа, во неа. Сепак…
Александар:
-Мене ми е мошне интересна врската помеѓу љубовта и убавината во заедништво, и влијанието на мудроста врз нив…А доблеста Мира не ја ни спомна.
Мира го погледнува продорно:
-Да, и таа со нив…последователно…Аристотел вели: „Љубовта е составена од една душа која населува две тела“. Го рекол и ова: „Да се љуби значи да му се посакува на ближниот сето она што веруваме дека е добро, и тоа поради љубов спрема него, а не поради себељубие“. Го рекол ова за заљубеноста: „Кога откриваш во себе друго лице, тоа е заљубеност. А откривањето на себе во друго лице, тоа е љубов“. За убавината: „Убаво е она што е складно“.
Александар:
-Наведуваш мудрости од Аристотел оти тој го подучувал Александар Македонски?
Мира:
-Па добро, нека е затоа.
Помеѓу нив се раѓа љубов? Зошто да не?
Се разделија со ветување дека пак ќе се дружат скоро и ќе го продолжат разговорот. Како забавна игра без крај.