СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 3 минути

35.

Ксантија:

-Што имаш в раце?

Македон:

-Бележник-дневник.

Ксантија се чуди:

-Каков бележник-дневник?! Чиј?

Македон:

-За љубовта и исчезнувањето. Го напишала Огнена. Насловен „Моите љубови без доблести“.

Ксантија:

-Која Огнена?

Македон:

-Ќерката на Сонцева крв која исчезна млада, на триесет и осум години. Сум ти раскажувал за неа. Дневников-бележник го пронајдов во дрвениот ковчег на Сонцева. Го зедов и го прибрав скришно, без да види и узнае кој било.

Ксантија:

-Имаш причина зошто досега не си ми кажал за него?

Македон:

-Немам. Мислам дека за тебе нема ништо интересно. Пишува главно за своите љубови без доблести наспроти или наспоредно со исчезнувањето. Сме зборувале на таа тема, а таа не докажува, ниту потенцира нешто посебно, нејзино, оригинално. Јас воопшто не мислев да го прочитам, ама…

Ксантија го пресекува:

-Ама го читаш и сѐ уште не си го дочитал, нели?

Македон:

-Ми останаа непрочитани последните страници. Сакаш да ги прочитаме заедно?

Ксантија подналутена:

-А каде го криеш? Досега го читаше таено од мене?

Македон со нервозен глас:

-Не го кријам! Е кај што го пронајдов, во дрвенион ковчег на Сонцева, крај застакленана двокрилна библиотека со дела од антички историчари и филозофи. Да, го читав без тебе, ама не таено. Тоа е дневник-бележник…интимен…Мислам дека ни јас немав право да го читам, ама ме предизвика…Огнена беше убава девојка, баш огнена. Никој од рожбата Сонцева не знаеше за нејзините љубови, а ги имала многу…без доблести…Се сеќавам на нејзините чести посети на Мајден, ненајавени на никој. И со воодушевеност, дури со страст му раскажуваше на секој од родот, со кого беше во нејзино слободно време, дека скришно, внимавајќи да не ја види никој од намерниците кои сѐ почесто се врткаа околу Алшар, влегувала во едно од окната. Често нагласуваше оти не може да си објасни што ја привлекува толку и зошто така.

Ксантија:

-Интересно! Љубови без доблести, исчезнување, посети на Огнена на Алшар…Како и да е…Доцна е. ќе си легнам. Ти дочитај го сам, а јас можеби ќе го прочитам кога ќе најдам слободно време.

Му се насмевнува, му одмавнува со рака и оди во спалната.

Македон ги чита внимателно последните страници од дневникот-бележник на Огнена со наслов „Моите љубови без доблести“:

„Сите мои љубови, а ги имав поприлично на број, беа без доблести, но едновремено станаа едни од причините и едновремено едни од поттиците за моето исчезнување. Не, воопшто не обвинувам ниедна од нив. Само велам дека придонеле за тоа мое решение-да исчезнам. А тоа, исчезнувањето…

Мислам дека никој од моите ближни нема многу да се изненади, да се праша зошто и како, освен мајка ми…Поради болката предизвикана од близоста, роднинството.

Такво е времево, во такво живееме; сѐ побрзо и сѐ повеќе се оддалечуваме едни од други, стануваме туѓи едни на други, се забораваме, не се познаваме. Сѐ помалку имаме нешто заедничко.

Да, не сум премлада, ама пред мене има уште многу години живот. И не оти не сакам да ги одживувам. Напротив, ќе продолжам…исчезната! Како? Многу едноставно: ќе заминам во некоја за мене непозната земја, во за мене непознат предел. Таму ќе заживеам, ќе продолжам да живеам од никого знајна, непозната на никој. Ќе се трудам да не бидам од никого забележана. Која што сум и каква што сум.

Може тоа? Може така? Зошто да не? Добро, тоа може да се именува и како бегање од знајни, од блиски, од рожба, како бегање од себеси. Сеедно ми е.

Имам уште многу што да докажувам за моите љубови без доблести наспоредни со исчезнувањето. Да раскажувам и за некои поголеми љубови од други, со подлабоки спомени и траги во мене. Меѓутоа, нешто ми вели дека е тоа непотребно, излишно, бесцелно. Дека доволно сум кажала и раскажала…

Уште за моето исчезнување? Да, може. За оној што ќе го прочита напишаново? Зарем ќе се најде таков? Па јас не го пишувам дневников-бележник за некој да го прочита!А зошто? Всушност, сакам и очекувам да се најде? Нема врска! Го пишувам за сама да го читам…до самоти исчезнување. Може како олеснување, како ослободување од некаков тежок товар.

Луѓе исчезнувале, исчезнуваат и ќе исчезнуваат секидневно. Мислам и на умирањата и на заминувањата во неврат и на скитањата низ беспаќа по збогување. На забележаните и на незабележаните. За мене се најважни причините и поттиците за исчезнувањето. Секакви се, големи и мали, слични се или различни од други, и според нив различно се воспримаат. Од нив зависат силината и траењето на последиците.

Јас секако не случајно ги избрав љубовите без доблести. Неизбежни се, а најмногу влијаат на текот на животот. Најнапред на самодокажувањето во него. Го имам предвид и за мене неразбирливото трошење на снагата, убавината и минливоста за затврдување, поточно одбрана на самосвесноста, идентитетот и личното достоинство. При длабока вкоренетост во древноста и сегашноста.

Си признавам на себеси: кончено, пред самоти исчезнување, ја осознав најтаената и најсуштествената љубов на мајка ми Сонцева-со Александар III Македонски! Таа траела сосе неговите доблести, нејзините нераскинливи врски со безвременоста и нивните природи во рамновесие.

Исчезнувам“.

Македон го затвори дневникот-бележник на Огнена, воздивна длабоко, стана од фотелјата и го остави во дрвениот ковчег на Сонцева крв. Остана буден длабоко во ноќта со една мисла:

Само љубовта надминува времиња и простори на човечкото опстојување.

Leave the first comment