СОНЦЕВА КРВ ЗА ЉУБОВИ И ДОБЛЕСТИ, За љубови, метафизички роман

Потребно време за читање: 2 минути

26.

Минаа цели осум години откога почина Сонцева. Точно кога се преклопија сказалките на големиот часовник во нејзината болничка соба и кога последното песочно зрно падна во долната половина на малиот песочен часовник на шкафчето крај нејзината претсмртна постела. А исто е како да е жива. Неверојатно, неразбирливо, но е токму така за сите нејзини ближни. Иако никој не живее близу, сите се кој далеку кој подалеку од нејзиното вечно почивалиште во запустеното село Мајден, на планината Кожуф во Македонија, само триста метри оддалечено од рудникот Алшар. Најчесто го чувствуваат нејзиното присуство, но некои сведочат дека во исклучителни состојби и ситуации им излегувала пред очи, била со нив, ги придружувала мигум или некое време. Дури и разговарале, ја прашувале, барале совет од неа, а таа им одговарала, ги советувала! Дали е тоа дел од приказната со која се бришат просторно-временските оддалечености и која треба да се кажува од изгревање до зајдување на Сонцето?

Ах, лорандитот!

Македон го слуша гласот на Сонцева крв, а таа одвреме-навреме му се појавува како призрак.

Разговараат во првите мигови на неделното изгрејсонце на Духовден, „крајот на празниците“. Не заборави по полноќ нејзиниот гроб да го помине со млади гранки од ореово дрво.

Сонцева:

– Скришно се здоби со мало парче жаровито црвен лорандит, го поврза со моето име оти си моја крв, имаш Александров штит, со шеснаесетзрачно сонце и розета во центарот, со него во неа, па можеш сам или заедно со твоите ближни во љубови и доблести. Како јас.

Македон:

-Да, можам како ти, Сонцева. Зашто најнапред ја научив неговата животворна и вековита моќ како зрак сончевина, како извор на вдахновение. Со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата. Да, ги знам симболиката и значењето на круговите, сино-виолетовата розета, осумте помали и осумте поголеми зраци. Да, знам што и како потаму со системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата. Туку, ти дури беше жива дали чекореше најцврсто по патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на твојата самобитност? Создаваше, градеше,надградуваше? Им остави на потомците многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење?

Сонцева:

-Остави ме мене. Бев и сум небитна. Моето време е минато и немам никаква трага во сегашново. Не заборавај дека јас никогаш не сум поседувала ни зрно лорандит, а не сум се ни обидувала да го имам.

Македон:

-Одбегнуваш да ми одговориш на прашањата?

Сонцева:

-Не. Ќе ти одговорам. Само сакам да ти нагласам, за секогаш да имаш на ум, дека љубовите и доблестите во човекот треба да бидат во рамновесие ако сака живот достоен за показ и приказ…Додека бев жива не чекорев најцврсто по патот на самодокажувањето, извишувањето и затврдувањето на мојата самобитност зашто во моето време самосвеста никој не ја загрозуваше. Особено никој не се обидуваше да посегне по идентитетските корени. Бевме под закрила на заедничка држава, а создавањето, градењето и надградувањето бе многу повеќе за заеднички одошто за индивидуални цели. Што се однесува, пак, на тоа дали на потомците им оставив дела за опстој и за траење…Тебе ти оставив? На твоите и нашите ближни им оставив? Одговори си сам.

Јас само ова ќе ти го докажам за непорекливите, неприкосновените и единствените дела:

Без нив ничиј опстој не е можен. А ни траење. Без нив сечии минато и сегашност се минливи, брзо ги покрива пајажината на заборавот. Дури ни најблиска иднина никогаш не им се најавува…За моите ќе ти докажам другпат.

Сонцева крв мигум исчезна. На тоа неделно изгрејсонце Македон уште долго стоеше онемен пред нејзиниот гроб.

Leave the first comment