Согледување

Јанѕи од јава во јазол

Тоа што се случува
Долго време
И што се случува
Секој ден.

Тоа не е од којзнае чие
Невреме
Што се ослободило
Од окови
За да збрише траги
До последна
На мудри и опитни
Заедно во надежен живот.

Тоа е согледба
На истражувачи на векови
Во каменит предел
Со секнати извори
До бескрајно беспатје.

Тие сè уште немаат одговор
На прашањето
Што се случило со вековите
Пред неброените
Но веќе согледуваат
Дека тие биле изброени
Пред да се вкорени живот
Во крв во мисла
Во говор во знак
Дамна пред да почне
Омеѓувањето
На просторот и времето
Како неминовна одбрана
Од наезди на освојувачи.

Истражувачите на векови
Во каменит предел
Конечно согледаа
Дека останките во вековите
Се од народ самобитен
Кој не исчезнал во миг
Туку во голема неизвесност.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 39

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.