Собитие

Потребно време за читање: 2 минути

Едно собитие од клучно значење за продолжувањето на ова мое постоење во единствен простор и единствено време. Во кои сум секогаш кога ќе посакам со луѓе кои му оставиле на потомството вредности за вреден живот, а над сè слободен. Според мене собитие, а според оние со кои сум бил или сум посакал да бидам макар миг замислена состојба. Која можеби ќе биде решавачка за моето исчезнување.

-Што се случи?!,-ме прашува изненадена, па и подисплашена една моја минлива љубов.

Ѝ одговорив кусо:

-Му се прикажав на светов како снеможен старец кој јавно рамнодушно се откажува од сè смислено и домислено од него, од сè што создал во досегашниот живот, особено во зрелото доба!

Мојата минлива љубов со насмевка:

-Биди конкретен. Какво јавно рамнодушно откажување?

Јас без најмало сомнение:

-Едноставно, ги собрав сите мои дела што сум ги создал досега, ги нафрлав едно врз друго на плоштадот, пред народот, притоа самиот се изненадив колку голем куп се направи, и ги запалив. Голем пламен се вивна кон небото.

Љубовта:

-Тоа симболички, нели?

Јас сериозен, дури подналутен:

-Не! Не! Буквално! Изгоре сè речиси во миг. Сè обзнаено. Баш сè!

Не ме остави да продолжам:

-Белки сам знаеш дека тоа денес е просто невозможно…Поготово објавеното на Интернет…

Јас непоколебливо:

-Не биди сигурна. Ако некој творец реши да уништи нешто што создал, ништо и никој не може да го спречи. Ни Интернетот.

Таа одмавнувајќи со рака, како да станува збор за некаква моја игра:

-Ај доста! Батали!…Добро, прифаќам дека си го сторил тоа…И јас од далеку го догледав пламенот…Тоа ми личи на чин пред исчезнување…Значи, отсега натаму и ти како мене минлив…Отсега натаму ти минлив со мене, твоја љубов минлива.

Прифатив некако олеснително:

-Може…Отсега натаму со тебе јас, снеможен старец…

Ми беше очигледно дека не го разбра собитието. Ѝ се препуштивме на минливоста на љубовта.

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 32