Се смета дека липата е симбол на словенството. Според нејзиното цутење настанал хрватскиот народен назив за јуни-липањ, месец во кој цути липата-липов цвет.
Во словенската топонимија многу места го добиле името според липата: Липовац, Липар, Липова гора, Липовачка шума итн.
Липата е разгранато дрво од семејството Tiliaceae, кое мошне лесно се обработува и поради тоа се користи во вајарството и резбарството, за изработка на разни украсни предмети. Цути во јуни, а цутовите му се распоредени во цвеќиња и се мошне значајни за развојот на пчеларството. Нејзините цветови се употребуваат и во медицината, за правење на разни медикаменти, а и во народното лекарство.
Кај словенските народи мошне почитувано дрво било и леската.
Леската спаѓа во групата на дрвја мошне почитувани кај нив оти постоеле бројни верувања дека ова дрво, на пример, го олеснува породувањето, штити од уроци, им дава плодност и здравје на луѓето, животните, го поттикнува растот на растенијата, ја чува куќата од гром итн.
Постои обичај децата на преминот од старата во новата година да се шибаат со лесково пруќе, оти се верувало дека ќе растат повеќе. Кон ова оди и верувањето дека човек со пореметен ум ќе оздрави ако некој три пати го проведе околу дрвото леска.