17. Алтернатива
Често слушам и читам: „Ние немаме друга алтернатива“. Најчесто од политиканти на власт и најчесто кога е збор за иднината на државата и општеството.
Како тоа без алтернатива?!
Ај настрана тоа што е нонсенс едно единствено решение односно единствена одлука да се „прогласува“ за алтернатива(!), дека би било точно да се каже или напише без „друга“, туку немањето алтернатива за што било во животот е происход најпрвин на заробен ум, а потоа на ограничен, недоветен, потчинет, послушен, слугански, платенички, предавнички-„корисен идиот“.
Напротив, сè во животот, од неважно до суштествено, од најмало до најголемо има и не може да нема алтернатива! Да, не заборавам: без алтернатива се единствено раѓањето и смртта. Како почетна и крајна точка на постоењето, на егзистенцијата на човекот. Алтернативни се чинот на раѓање и умирањата (различни во природата, но и во сè поголема мера зависни од човекот и напредокот на науката-пред сè биотехнологијата).
Конкретно и мошне актуелно од политикантите на власт:
Македонија нема алтернатива на патот кон ЕУ, освен да прифати уставни измени-да ги внесе Бугарите како „дел од народ“ (инсистирањето на бугарските власти е како конститутивен), односно да го прифати и спроведе „францускиот пакет“.
Навистина нема?! Како може да нема?!
Еве ја алтернативата:
Македонија еднострано да го раскине Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија! И тоа веднаш! Исто така и тн. Преспански договор со Грција! (Ова пред неколку недели, во друг „слободнопромислувачки“ статус го „поставив“ како еден од условите (прв услов!) за гласање на следните парламентарни избори (за партија која ќе го гарантира тоа).
Имено, членот 13, став 2 и членот 13 став 3 во Договорот со Бугарија прецизизира дека секоја страна може да побара измена на истиот или да го раскине:
Член 13, став 2:
Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни.
Измените се договараат по дипломатски пат.
Член 13, став 3:
Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање писмено
известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.
Не навлегувајќи во експертска анализа (тоа им го оставам на правните експерти), ќе ја наведам главната „логична причина“ за оваа АЛТЕРНАТИВА:
1) Бугарија го прекрши Договорот со тоа што ѝ постави на Македонија НОВ УСЛОВ (ултиматум) за почеток на преговори со ЕУ, кој не е ни спомнат во него!
2) Со барањето за уставни измени (без оглед што е тоа „префлено“ на ЕУ како дел од „француски предлог“) ДИРЕКТНО се загрозува односно негира суверенитетот на државата Македонија!
Што се однесува на „Преспанскиот договор“, раскинувањето е уште „полесно“: Грција не го спроведува, а Македонија исполнува сè, дури и пред утврдените рокови и услови во него.