Сијарик

Потребно време за читање: < 1 минута

Луѓе му дадоа
Сијарик за сијарик
Дека за нив
Сè ќе почне одново
Со животворна игра
Која ќе нема крај
А конечно постојано
Ќе продолжува
Од една иста изгревна
Кон друга различна
Залезна сончевина.

Му дадоа луѓе
Сијарик за сијарик
Зашто предолго
Чекаа надежно некој
Што ќе се извиши
Со добра мисла
И непорекливо дело.

Кој како вишен
Ќе ги собере силни
Стамени
Па ќе ги поведе
Не кон нов простор
Со ново време
Туку
Во нивни од искони.

Кому луѓе му дадоа
Сијарик за сијарик?
Им беше знаен?

Им беше незнаен
Човек дојден до нив
Со последни сили
По бескрајно лунѕање
Низ земја пустошна.

Човек како оган
Во нескротлив ветер.

ЈАНЅИ ОД ЈАВА ВО ЈАЗОЛ, Превирања, стихозбирка, 31