Потребно време за читање: < 1 минута

Настан II

Име не знае многу, но доволно за посебната и заедничката-брачната живеачка на татко му Стојмир и мајка му Милица. Кои, како кај сите и во сите, не биле секогаш со љубов и од љубов, ниту со задоволство или поради незадоволство. Во најголема мера биле исполнети со навики и прифатени обврски. Учени најнапред дека најважните одлуки во животот мораат да ги донесуваат сами или заедно, без оглед на советите, искуствата и знаењата на блиски, а потоа смислата на животот во најголема мера да ја наоѓаат во раѓањето, одгледувањето, растењето и созревањето на многудетно семејство кое на каков годе начин ќе ја продолжи нивната опстојба.

Стојмир бил дете на сиромашни селани, трето на ред од четири машки и три женски, кои токму него го издвоиле да учи, да стане учен и виден, идна глава на семејството. Па како дете бил гледан и растен со поголемо внимание од другите. Учел, студирал, се вработил, се издвоил од своите, се преселил во Костец, се вљубил во Милица и со неа создал семејство. Милица, пак, била единица на едни од најимашните скоро доселени во градот, но одгледувана, образована и воспитувана да знае да ги препознава, чува и негува вредностите; тие да се суштествени во нејзиниот живот.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

На Име му се врежани во сеќавањето редовните еднонеделни купувања на книги, главно белетристички и филозофски дела на современи домашни и странски автори, во книжарницата „Мисла и дело“, а потоа посета на ликовна изложба, театарска претстава или концерт. Најчесто во среда квечерум. Тој со нив, а многу ретко и брат му Извор и сестрите Калина и Јагода.

Кусо по смртта на Стојмир и Милица точно четири илјади и двесте и триесет и две книги Име ѝ ги подари на Градската библиотека.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here