Настан VI
Еден од не само болно незаборавните, туку и од клучните настани на Корен Стаменоски со прекар Име, од заодувањето до цврстото и решително чекорење низ животот, се ненадејната смрт на татко му Стојмир и долгото и мачно умирање на мајка му Милица. Не би можел да ги споредува или градира. Не само оти станува збор за најближните, за родителите, туку најнапред затоа што се случиле во времето кога од ден на ден сѐ повеќе му се докажувала силната поткрепа на семејството како суштествена за сечиј личен, но и заеднички опстој. Тоа неретко им го кажува на неколкутемина пријателки, пријатели, колеги и колешки (Име е архитект, вработен во „Просторно проектирање“, единственото архитектонско студио во Костец) кога од кои било причини, директно или индиректно поврзани со работата, денови и ноќи било оддалечено од него.
Ѝ го кажува тоа на колешката и најблиска пријателка Илина Каранфилова (се раѓа ли љубов помеѓу нив откога и таа почна да живее самотно?):
-Се разбира дека ниту јас, ниту моите браќа и сестри, ниту кој било друг од нашите ближни не ставаме знак на равенство помеѓу ненадејната и долготрајната, мачна и болна смрт. Иако таа не е ништо друго, освен физичко исчезнување од овој свет.
Татко ми Стојмир не се ни збогува со нас. Го оставивме едно делнично утро сам дома, човекот беше здрав и прав. Секој си замина на своја страна, и мајка ми на работа во Музејот на современа уметност. Не нѐ дочека жив. Кога се вратив уште од врата слушнав лелеци и плач, најгласни на мајка ми. Воздухот и тишината необјасниво натежнуваа врз сите собрани околу смртната постела, околу неговото чисто, бело, речиси проѕирно лице и здрвеното тело. Подоцна разбрав дека го нашле мојот најмлад брат Вител и најмладата сестра Галена, кога се вратиле од училиште, во спалната соба. Бил во тренерки, спружен крај креветот, со скрвавено лице. Констатираа брза смрт од тежок срцев удар што му го распарчил срцето на милион парчиња. Почина два дена по наполнување на шеесет и девет години.
Илина Каранфилова:
-Мајка ти веќе беше болна?
Име:
-Не. Се разболе година ипол по смрта на татко ми. Велат дека канцерот на двете дојки не е поврзан со загубата на најближен и тагувањето по него, но јас сум сигурен дека го забрзаа неговото ширење. А згора го открија предоцна, немаше никаква шанса за излекување. Измачувањата цели две години, две тешки операции, хемотерапија, други терапии и секакви традиционални лекови само ја одложија и ја отежнаа смртта.
Продолжува по длабок воздив:
-Мајка ми Милица сѐ до смртниот час се држеше храбро. Со ведрина, па и веселост не ѝ дозволуваше на болката да ја надвладее. Почина во болница. Сигурен сум дека го почувствува, можеби и го здогледа доаѓањето на смртта! Имено, неколку минути пред неа замоли сите да излеземе од нејзината соба, а при излегување ни се насмеа бавно мавтајќи, поздравувајќи нѐ со крената десна рака. Нѐ напушти неколку дена пред да наполни шеесет и шест години.
Илина Каранфилова:
-А зошто двете смрти ти се еден настан?
Име:
-Поради нивната живеачка со вредности. Дребнулиите, безначајните и минливите нешта отсекогаш им беа, а ни наметнаа и нам, и нас нѐ научија да ни бидат само нужни, придружни, секидневни. Ги препознаваа, ги чуваа, ги негуваа вредностите. Беа суштествени во нивниот живот, се суштествени и во нашиот.