Доживување I
Таа квечер Име скришум излезе од дома и првпат отиде на брегот на Камена река. По некое време до него дојде една средовечна седокоса жена. Ведрата насмевка ѝ го разубавуваше лицето со модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото.
-Рекава од неодамна тече крај градов. Матна е, шумна, голема, длабока, со два кеја од бел и црн мрамор, разнобојно цвеќе…Загледан во неа стануваш дел од неа, нели?
-Па, така некако,-ѝ одговори.
-Течеше среде, го делеше на два еднакви дела. Неговите жители од ден на ден се оддалечуваа меѓу себе сѐ повеќе. Дури почнаа да се гледаат напоречки, па и да се мразат меѓусебно. Ја окривија рекава дека ги закрвува, ѝ го направија новово корито за да не се излева и ја натераа да тече во него.
-А коритото низ градот?
-Во него ја изградија Централната населба со облакодери, обѕидана со дебели бедеми.
По неколкуминутно молчење таа:
-Не ми го кажа името…Не е важно…Ми мина времето…Се надевам дека пак ќе се видиме на брегов.
-Се надевам и јас,-ѝ одговори со ведра насмевка.
Доживувањево за Име беше почеток на запознавање на Костец, неговиот и градот на татко му Стојмир и мајка му Милица.