Што мислите за лажењето?

Потребно време за читање: 2 минути

Оној кого го лажат треба да се запраша зошто. Што велат стручњаците?

Секоја комуникација мора и оној што лаже и оној што се лаже да ги доведе до самонабљудување.

Во основата на психопатологијата на лагата секогаш лежи нарцизмот, односно потребата да се биде подобар, позначаен, поголем, поубав, поуспешен. Станува збор за лица вљубени во самите себе, а истовремено прилично несигурни. Тие се обидуваат да стекнат сигурност и со лаги да го поправат мислењето на другите за себе.

И најпознатиот лажливец на светот, баронот Минхаузен, бил мошне нарцисоиден. Од друга страна, постојат и лаги кои се често на ивицата на криминалното кога луѓето се занимаваат со интриги, сплетки, ги употребуваат сите средства сакајќи да дојдат до некаква корист. Тоа веќе спаѓа во доменот на правото, моралот и карактерот.

Зборот „лажеш“ е мошне остар и тежок. Иако е суштински точен, тој предизвикува салва на агресија. Затоа што е секогаш подобро да се каже:

„Ми се чини дека не ја зборуваш вистината“, „Знам дека не ја зборуваш вистината“, „Тоа не е точно“.

Што се однесува на оние кои лажат за да остварат одредена корист или да манипулираат, треба јасно да им се даде на знаење дека тие работи не се вистинити. На човек кој манипулативно лаже треба да му се обрне внимание дека со тоа најмногу се загрозува самиот себе, својот опстанок како морално битие, и оти така може лесно да ја загрози и сопствената слобода.

Тн. невини лаги се дозволени. Тие луѓе лажат за да се спасат од некој што е здодевен; некогаш лагата е поприфатлива од вистината која е груба и која во тој одреден случај не донесува ништо. На пример, ако некој постојано ви бара пари на заем, а знаете дека никогаш нема да ви ги врати, вие му велите дека немате да му позајмите иако имате.

Објектот на лажење треба да се запраша зошто некој го лаже. Родителот би требало да се запраша зошто детето го лаже, а детето да се запраша зошто ги лаже родителите, па тоа некако да пробаат да го артикулираат. Кога лагите се јавуваат во односите на возрасни луѓе, секогаш е збор за краток спој во комуникацијата, па не можете да изнесете чиста вистина оти таа или тешко се поднесува или е преболна, или оној другиот, пак поради некој свој нарцизам, не може да ја прифати вистината.

Што е тоа „синдром Минхаузен“?

Станува збор за патолошки лажливци кои имаат потреба да лажат и измислуваат и најбанални работи. Најдобар начин на лечење на тие луѓе е психотерапијата оти секогаш постојат силни психолошки причини поради кои човек толку лаже. Евентуално можат да се препишат и некои анксиолитици, оти кај компулзивните лажливци има чувство на тегобност, анксиозност доколку не се кажува некоја лага.

Секогаш треба да се процени дали да се премолчи или да се излаже вистината. Луѓето некогаш прибегнуваат кон лаги за да го сочуваат оној другиот. На пример, како некому да му се соопшти тешка дијагноза? Тешко е да му се „истури“ вистината в лице кога гледате дека човекот не е подготвен да се носи со тоа. Подобро е на таквото лице да му се соопштуваат вестите „на лажичка“. Има луѓе кои се храбри и силни, кај нив можете да си дозволите, како лекар, или во други работи да им ја соопштите вистината, но и тогаш внимателно.

Leave the first comment