Паралелно со постојаниот развој на филателијата и нумизматиката, во последните 5 децении во светот се рашири забава или хоби, дури понекогаш и своевидна страст за собирање на разни значки и беџеви, како и многу други предмети што се дел од секојдневниот живот. Собирањето на значки е наречено фаларистика, според старогрчкиот збор „фаларон“, што значи коњски накит, пошироко накит воопшто.
Собирањето на етикети од кибрити, како и цели кутии од нив, се вика филуменија, а на ова хоби треба уште да му се додадат собирањето на хартиени салфетки, ресторански листи на јадења, накит, скапи автомобили, детски играчки, итн.