Секојдневјето

Потребно време за читање: 2 минути

Извадок од делото на Светлана Бојм (Svetlana Boym) „Митологија на секојдневниот живот во Русија“

„Секојдневјето е модерен поим израснат од секуларизацијата на светогледот, дезинтеграцијата на многу нивоа на општи места, поделбата на сфери на искуствата и појавата на средната класа. Обичното- тривијалното и секојдневното- е многу тешко да се мапира и врами, било со уметноста, било со теоријата или историјата. Баналноста настојува да ги инкорпорира врамувањето и издвојувањето во својата машинерија на секојдневноста и да ја одомаќи иронијата. Стенли Кавел (Stanley Cavell) зборува за „одвратност на обичното” која се опира на филозофска расправа, но и ја предизвикува. Оштите места на нашиот секојдневен живот ни се чинат природни и токму таа „натурализација” води во многу културно погрешни преводи.

Денешниот обновен интерес за проучување на секојдневјето во историски и општествени студии одигрува различни функции во различни културни контексти; тој може да оди против семето на јуначките национални самоодредувања или, спротивно, може да се вклучи во националниот сон; може да помогне во обновата на заборавените истории на модерноста (како што се историјата на женскиот труд или на приватниот живот) или да придонесе за заборавот на големите катастрофи на дваесеттиот век- како холокаустот- како што тоа го покажаа современите расправи во Германија за телевизиската серија „Хеимат” и Altagsgeschichte на нацистичкото доба.

Мишел д’Керто (Michel de Certeau)

Мишел д’Керто (Michel de Certeau) напиша историја на создавањето на секојдневјето, историја на издвојувањето на теоријата од практиката и уметноста во еднина од уметностите во множина. Тој покажа како во седумнаесеттиот век во Франција „savoir” (знаење) постпапно се издвоило од „savoir-faire” (знаење на вештината); на сличен начин „уметноста” се развела од „умеењето” (на говорот, чинот, населувањето на просторот, одењето, готвењето и други активности на телото и техниките на сопството). Керто се концентрира на реториката на секојдневната практика, на секојдневната употреба на дискурсот (и не само на дискурсот), на ruses и braconnages(лукавството и кражбата) – чинови на помала субверзија на службените кодови на однесување. Тие секојдневни тактики и стратегии ги поткопуваат чисто теоретските поими и допуштаат повеќестрано разбирање на современата култура- не само на Културата со големо „К”, туку на културата во множина. Керто го концентрира вниманието на секојдневната материјалност на постоењето: начините на мапирање на просторот, шетањето низ градот, означувањето на времето, подготовката на храна.

Секојдневјето е истовремено и премногу блиску и премногу далеку од нашето сфаќање; стануваме свесни за него дури кога ни недостасува во времиња на војна или несреќа, или кога се манифестира во прекумерност во текот на чарите на здодевноста. Морис Бланшо (Maurice Blanchot) пишува дека секојдневјето е „сомнително лице кое секогаш успева да избегне јасна законска пресуда (сомнително лице: кој било и секој, виновен што не е кадарен да биде виновен)”.

„Етерналност“ на секојдневјето

Секојдневјето има сопствена темпоралност која Бланшо ја нарекува „етерналност”, со нешто како вечно исчезнување или минливо преживување. Секојдневјето е безоблично, без форма и неформално, но е сепак истовремено и најконзервативен облик на зачувување на формите и формалностите. Истовремено, тоа зборува за спонтаноста и стагнацијата.

Секојдневјето ни раскажува приказна за модерноста во која по поголеми историски катаклизми уследиле обичните обврски, умешноста на работата и создавањето. На некој начин, секојдневјето е антикатастрофично, противотров на историскиот наратив на смртта, катастрофата и апокалипсата. Секојдневјето, се чини, нема ниту почеток, ниту крај. Во секојдневниот живот не пишуваме романи, туку белешки или дневнички записи кои се секогаш фрустрирачки или еуфоричен антиклимакс. Во дневниците, драмите на нашите животи никогаш не завршуваат- како во безбројните телевизиски сапуници во кои еден расплет поправо само води во друга раскажувачка можност и го одлага крајот. Нашите дневници се полни со случајни згоди и им недостасуваат незгоди; имаат раскажувачки потенцијал и неколку довршени приказни.

Leave the first comment