10. Појавности
Предмети состојби луѓе
процеси движења
промени
минливости трајности.
На некаков начин
на некаков.
Еднакво видливи
еднакво блиски
и еднакво далечни.
Ту замислени
ту стварносни
ту делотворни.
11. Соседи
Едни соседи блиски
божем разделени
божем од дамнина.
Не се гледаат
не се слушаат
а никаде не се
видени заедно.
Соседи на ист пат
излезени
не се познаваат.
Премалени
скаменети.
12. На улица
Луѓе самотни во свое време
деноноќно следат луѓе
што се луѓе и чекорат бавно
и чекорат брзо меѓу луѓе
во големи автомобили
во автобуси во трамваи
во мали автомобили
качени на мотори
на велосипеди
во кочии со бели коњи
движејќи се кон свои цели
можеби бесцелно.
Притоа внимавајќи
да не ги понесе или однесе
којзнае каде некаде никаде
да не ги проголта метежот
па мигум да престанат
да бидат луѓе
а да бидат не знам што.
Стојам на раскрсница
самотен чекам семафорот
брзо да ми дозволи
да продолжам небрежно
рамнодушно
по мојата улица меѓу луѓе
што се луѓе.
Владее чуден длабок молк.
СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, припеви




