13. Огнови
Се запалиле огнови
сами од себе
та се извишиле до небо
како веќе да нема што
да пеплосаат на земја
пред себе зад себе
или далеку од себе.
Не ни помислуваат
да се угаснат
сè дури не се најде
некој што ќе почне
однатре да ги гасне
многу посилен
и многу погорлив
од сите нив заедно.
14. Нежности
Почнавме нежности
меѓу нас нескротливи
од мене до тебе сами
како да ќе почнеме
нова игра за игра
со денови и ноќи.
Почнавме нежности
сите исти
ниедна за изделување
од студените допири
наши
по многу преумори.
Ќе ги продолжиме
кога ќе се најдеме
на мое или твое
беспатје.
15. Крилја
Ни израснаа
големи крилја
широки крилја
јаки крилја
за раскрилување
за долго летање
кога ќе посакаме
истовремено
да полетаме
и да долетаме
во простор
безграничен.
Многу е важно
дека и крилати
сме луѓе
а не птици.
СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, припеви




