1. Нож и леб
Нож како нож
за бодеж бодење
за сек расек
за исекување.
Нож со рачка
рака да го води
во должина
или во длабина.
Нож и за леб
оти лебот се сече
дамна не се крши
за да се помириса
и да му се одземе
топлина од оган
во живо огниште
присобрана.
2. Трпеза
Многу време е празна
големава долгава
трпеза
како да е оставена
е напуштена.
Нема кој да стави
што-годе за јадење
до најадување
ни за пиење
до препивање.
Дамна нема кој
да седне каде било
и дамна не е жив оној
што седел
на нејзино чело.
3. Соленик
Подај ми го соленикот
со сол и буковец
зашто јадењево
не е добро насолено
а не е посолено
ни со буковец.
Не знам дали знаеш
дека
на домаќинска трпеза
не смее да нема
соленик. Јас и не знам
за друга трпеза
ни на небо ни на земја
ни меѓу небо и земја.
СЕКИДНЕВИЕ, Потребности, припеви




