Потребно време за читање: 3 минути

Многу подоцна куќата.

Се знае: прво прозорци, па две врати; едната за на улица, а другата одзади да не се гледа. Па скалите до балконот и, нормално, огледала за сонце!

Предвидовме сè. Од каде ќе дува ветер наутро, колку ќе бидат долги сенките попладне, колку ќе ни траат разговорите со соседите и слично. Дури и какво сè цвеќе ќе наредиме на балконите.

Дојде човекот и вознемирен како домашно животно од земјотрес што доаѓа викна дека човекот заминал. Едноставно, заминал! Паднал од скелето, го скршил вратот, забите и градниот кош, и не издржал. Заминал, а куќата што ја правевме немаше темели ни визба. Дојде човекот, викна и седна под дрво. Тој никогаш не мислеше да падне од скелето. Беше голем мајстор, раговаравме јас и Марија Имотска. Повеќе мислеше на нас. Гледаше како работиме и често ни повторуваше дека куќата треба да ја направиме така да ни останат на крајот само ѕидовите.

Така да си замине…Едноставно…А требаше да биде со нас. Ќе ни беше полесно, реков јас.

Ништо сега, Јасене Виорски. Ништо не се може. Да ја запреме работата. Убаво да ги изврземе жиците, да ги оптегнеме за да не падне. Ќе продолжиме утре.

Во собата имаше чад. Ни влегуваше во очите и плачевме.

Прочитај и за ... >>  Споредбите се некогаш и добредојдени. Може да го забрзаат мисловниот процес.

Да одиме, реков јас.

Дојде човекот и викна дека човекот заминал. Колку се случи едноставно. Зарем толку брзо да забораваме?, мудрував додека излегувавме на задната врата.

Домашни животни бегаа низ улиците.

Секое доаѓање во куќата можевме да го предвидиме. Имаше знаци дека доаѓа тој. Особено кога бевме спокојни и не размислувавме многу за она што ни остана да го доправиме.

Годишните времиња научивме сигурно да ги препознаваме. Обично навечер кога седевме на балконите. Беше тешко да се раздели летото од есента, но ги разделувавме секогаш точно. Во минута, речиси во секунда. Тоа беше прво што моравме да знаеме кога дојдовме да ја правиме куќата.

Човекот што замина нè научи:

Знаците се најважни во животот! Ако е прозорецот зелен, треба да продолжиме. Ако, пак, има посилна светлина, тоа значи дека доаѓаат горештини и треба да ги отвориме прозорците за да ни оди работата.

Потоа самодовербата.

Сè ќе победиме! Само ако некој не си го види лицето и навреме не почне да трча во природата, ќе го почувствува орелот во градите, дека му ги стега ужасно, или секирата што му ги сече наеднаш! И ќе замине!, подвикнав јас.

Многу научивме од човекот што замина, заклучи Марија Имотска.

Куќата ја правевме за еден со високо чело и модри очи, накај педесет години. Така го замислувавме. Доаѓаше напладне и гледаше до каде сме стасале, дали ќе ни успее. Со него беше и еден млад, со црвена лузна под носот што му ја искривуваше устата во долга насмевка. Така те замислував. Беше и една млада, со долга црна коса и строго лице. Така те замислував, Марија Имотска. Се плашевме од тоа твое лице.

Прочитај и за ... >>  Баналноста има жесток интензитет. Не смее да ѝ се подлегне.

Скоро бевме дојдени до визбата кога почна да се случува. Бевме спокојни и не размислувавме многу за она што ни остана да го доправиме. Дојдоа и тој рече дека го боли во градите, па сака да седне под сенка. Му направивме сенка.

Добро е вака под ридот, ни рече. Треба многу да внимавате на ѕидовите.

И уште:

Собите да ги оставите слободни. Инаку нема да издржат, а треба да бројат векови.

Подоцна стана. Можевме да предвидиме.

Другиот ден дознавме дека заминал. Младиот и младата долго не доаѓаа напладне да видат до каде сме стасале. Ни ти, Марија Имотска, ни јас, Јасен Виорски.

Се разбира, брзо напредувавме. Огледалата одамна беа на сонце; вратите намачкани со бела боја; и оградата; а балконот сиот во мермер. Почнуваа студени денови кога ги местевме темелите. Во визбата донесовме долга маса со високи столови. Донесовме вода и струја. Потоа се затворивме со железна врата. Се отвораше оздола нагоре.

Прочитај и за ... >>  ДЕТАЉ II

Строгото лице со долга црна коса доаѓаше почесто. Не знам зошто ти, Марија Имотска, доаѓаше почесто. Ништо не кажуваше. Само ја мереше куќата со поглед што имаше необична и мошне непријатна моќ долго и незапирно да гледа во едно. Ќе седнеше во градината, ќе ги пружеше нозете и откако ќе ја изнагледаше куќата се загледуваше во еден од нас.

Еднаш дојде сама навечер. Зеде еден од нас за рака и го легна на железниот кревет на кој седевме додека јадевме. Зошто Марија Имотска? Пред нас се соблече и легна гола до него. Веќе знаевме дека куќата ја правиме за неа и за младиот кој, откако замина едниот со високо чело и модри очи, доаѓаше поретко. Јас, Јасен Виорски Марија Имотска. Јас!

Пролетта ги направивме ѕидовите. А кога сè беше готово, кога ја покривме варта и го однесовме цементот, имаше свеченост. Дојдоа соседите и други, јадеа и пиеја. Младиот и младата, јас и ти Марија Имотска, беа облечени во бело, седнати еден до друг. Таа со строго лице и долга црна коса, а тој со црвена лузна под носот што му ја искривуваше устата во долга насмевка.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here