8. Во излог
Ги здогледав Бисера и него во осветлен излог на продавница на секидневни животни предмети и играчки, на другата страна на улицата, на аголот кај што се вкрстуваат улиците „Слобода“ и „Независност“. Седнати еден спроти друг пред шаховска табла, со фигури наредени за почнување нивна нова шаховска партија. Како да ме довикуваа, како некоја непозната сила да ме влечеше кон нив.
Си го залепив лицето на стаклото од излогот. Тие како да ми се насмевнаа, едновремено. Зад белите фигури беше Бисера, а зад црните тој.
Таа го повлече првиот потег: пешакот пред кралицата две полиња напред; тој го стори истото со црниот пешак пред својата кралица. Веднаш, без размислување, како однапред испланиран потег, Бисера го помести едно поле напред белиот пешак пред десниот коњ; тој исто така веднаш, без размислување, како однапред испланиран потег го помести едно поле напред црниот пешак пред својот десен коњ. Бисера како малку да размисли, пет-шест секунди, па направи „Г“ скок со левиот коњ кон средината на таблата, на третото поле на линијата пред пешакот што го покрива ловецот; тој возврати со поместување на десниот ловец дијагонално, на третото поле на топовската линија. Бисера направи „Г“ скок со десниот коњ на третото поле пред пешакот на линијата на десниот топ, па ме погледна и ми се насмевна; тој ја погледна, ѝ се насмевна и стана не повлекувајќи го својот следен потег. Ми се доближи, го залепи лицето на внатрешната страна на стаклото на излогот и ме поздрави со мавтање на десната рака.
Влегов во продавницата. Го поздравив продавачот и внимателно си направив место во излогот, меѓу секидневните животни предмети и играчки; притоа внимавајќи нешто да не поместам или турнам, да не превртам или извртам.
Тој и Бисера ја продолжија својата партија шах, а јас почнав да ја играм улогата на оживувач на нивните шаховски фигури.