11. Власт
Откако се во бизнисот, може да се рече уште откога ги завршија студиите и при првите вработувања, Пламен и Бисера беа близу до власта, но никогаш дел од неа. Имаа неколку партиски понуди како независни кандидати, но не ги прифатија. Држеа дистанца од политиката воопшто и одбиваа каков било конкретен ангажман непосредно поврзан со власта и владеењето. Беа близу до власта, која да беше, што значи сакале-не сакале соработуваа со неа. Откако се во бизнисот, бизнисменски. Тоа значи? Зар треба да се нагласува? Добро: финансиска поддршка на редовни и предизборни партиски активности, без оглед дали станува збор за партии на власт или во опозиција, користење поволни услови и можности за конкретни зделки, договори за воспоставување на јавно приватно партнерство, давање стручни, експертски совети и решенија и слично.
Зошто и како дозволија како сопатници да бидат насилно разделени до којзнае кое и какво време? Кои се, какви можат да бидат собитијата што веќе не им го дозволуваа тоа во нивната земја, што им ја загрозија дури заедничката гола егзистенција?!
Имаат заеднички став за власта како власт: таа мора целосно, и со најголема и со најмала, со најсложена и најпроста конкретна активност или заложба да биде во служба на човекот како единка, како индивидуа, како личност, а во исто време на народот, државата и општеството. Како што се вели-нивен слуга. А актуелната?
Според нив, актуелната власт не е власт! Накусо: на сите нејзини нивоа, во сите сегменти се наместени неписмени и полуписмени, дилетанти, недоветни, тапоумни, политиканти, платеници на странски сили и нивни слуги, понизни, подлизурковци, мативоди, слуги и измамници.
Октроирана власт? Да, божем избрана на божем демократски избори! Властодршци што се плашат од учени, умни, одлучни, независни и слободоумни личности.