Самоименување

Потребно време за читање: 3 минути

Забележливо, наметливо

Сè повеќе и кај нас и меѓу нас се прифаќа и користи Северна Македонија, а сè поретко само Македонија! Што значи тоа? Засега може само да се претпоставува…и антиципира.

Повеќе како потсетување:

Не именувањето, а самоименувањето е неприкосновено и непорекливо природно индивидуално и колективно право. Кое едноставно нема потреба да се докажува. Именувањето е „слободно“. Воопшто не е спорно секој секого да именува како што сака и како што му одговара. Просто зачудува недоветноста и идиотизмот на креаторите и договарачите на „Преспанскиот договор“ меѓу Грција и Македонија, до тој „степен“ што да не им е познато и применувано ова од веки веков.

Тоа еднакво се однесува на преименувањето. Само по себе е „ново“ именување (по потреба, изговор и сл.), а во себе не го содржи самоименувањето. Следствено, „замената“ на именувањето и самоименувањето со (име за) „внатрешна“ и „надворешна“ употреба е исто така идиотизам од највисок „степен“.

Досега од многумина многупати укажувано и докажувано (и од мене):

Светот и сè на светот има четири страни (и „меѓустрани“): исток, запад, север, југ („меѓустраните“: северозапад, североисток, југоисток, југозапад). Тоа особено се „истакнува“ кога станува збор за однос, соседство, а е пред сè проста логика: една земја-држава е „еднострана“ во однос на друга. Следствено: Македонија е северна (на север) само во однос на Грција (јужен сосед на Македонија). Бигарија е  источен сосед на Македонија, Србија северен, Косово северозападен, Албанија западен. Од друга страна, како светот и сè на светот и Македонија има „свои“ четири страни: ако државава е северна (како што е преименувана), треба да се знае-назначи каде е јужна, источна и западна, а како некогашни, но никогаш и никако трајни нејзини делови (одземени, отсечени, окупирани). Каде се? Кои се?

Многу често се потенцира(ше) дека „северна“ е придавка и претставува „конкретна“ географска одредница. И ова го повторувам по којзнае кој пат:

„Република Северна Македонија“ е (ново) име на државава (неделиво!). Ќе беше придавка (прифатлива) ако „северна“ беше пред „република“ (пред промената уставното име е „Република Македонија“).

Што се однесува, пак на „географската одредница“, таа не може да биде некоја друга, освен нејзината местоположба на планетата Земја. Имено, како секоја друга земја, и нашата географски е северозападно-југоисточна (пред многу години јас иронично ја предлагав токму неа како „одредница“), а може единствено да се „одредува“ со географскиот координатен систем-со географската ширина и должина (во однос на екваторот); одамна затврден на север, југ, исток и запад. (Види која било општа енциклопедиска одредница за Македонија.)

„Северна Македонија“ е недоветност и идиотизам. Притоа, приведувањето (како „објаснение“) на две „исти“ решенија е крајно несоодветно: Северна Кореја и Северна Ирска.

Имено, Кореја е полуостров во североисточна Азија кој по корејската војна (1950-1953) е поделен на Северна Кореја (народна комунистичка република) и Јужна Кореја (демократска капиталистичка република). Соседи на Јужна Кореја се Кина на запад, Јапонија на исток, Северна Кореја на север и Источнокинеското море на југ. Северна Кореја, пак, се граничи со Кина на Север и со Република Кореја на југ, а во крајниот северен дел има допирна точка со Русија, преку реката Тумен.

Има „сличности“ меѓу Кореја и Македонија? Нема никакви!

Северна Ирска е држава која се наоѓа на островот Ирска (Англија, Велс и Шкотска се на островот Велика Британија), во рамките на Обединетото Кралство. Постои конфликт меѓу протестанските христијани и католичкото малцинство. Првите се за останување во унија со Велика Британија, а вторите државата да се обедини со јужниот сосед-Република Ирска.

Има „сличности“ меѓу Северна Ирска и Македонија? Нема никакви!

Јас одамна предложив „неофицијална алтернатива“: СОНЧЕВА МАКЕДОНИЈА. Тоа значи користење постојано, наметливо, секојдневно и дома и надвор.

(Јапонија се нарекува Нихон и/или Нипон, а обете имиња значат „потекло на сонцето“-се преведуваат како Земја на Изгрејсонцето.)

Но, кој да слуша и послуша стар бел дедо, непризнаен и премолчен, а грандиозен мислител и творец, единствен на светот? Уште да прифатиме дека сме Северномакедонци со три коси црти (личните документи веќе ни ги „суредија“) и „приказната“ ќе биде завршена.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 77