79. Нераскинливо
Што го прави нераскинливо единството на Љуба и Самобитна сенка? Тоа е на очиглед на секој што ги осознал смислата и суштественоста на животворноста меѓу луѓе како личности, самосвесни и достоинствени, и нивните сенки: спомагањето, довербата, поткрепата, надополнувањето, приврзаноста; но и како независни една од друга во мера што ја дозволува личната моментна психофизичка состојба, особено расположбата, нерасположбата и самобитното творење-сликањето портрети при немост или меѓусебна временска оддалеченост.
Има нешто што може би можело барем за миг да го подзаниша? Се разбира, како секое друго: спротивставени гледишта, различни доживувања, лични толкувања на настани или појави, преживувања на несекојдневности, воспоставени односи со знајни, помалку знајни или првпат сретнати ликови, разменети мали и големи искуства; но и оптимистички и песимистички очекувања од средби или разделби, на пример со Аврам и Доктор Стефан Веселовски.
Од некое време на Љуба и самобитната сенка најживотворни им се будењата во раните утра и игрите во немост до доцна ноќе. Сами, без никој друг, заедно, една крај друга и една во друга. Будењата со изгреви на сонцето, игрите како соништа.
Денешното будење во рано утро:
-Никогаш досега не сум те видела толку жизнерадосна, Љубо моја. Се должи на?
-Напротив, јас мислам дека сум била и досега, но утрово сум толку зашто ќе дојдат мојот Аврам и твојот Стефан. За заедно да почнеме нова страница на нашата заедничка живеачка.