Сам со себе

Потребно време за читање: < 1 минута

Тој е одамна сам со себе.

-Од кога си сам со себе?

-Не паметам. Од одамна.

Тој мисли дека знае зошто е.

-Зошто си?

-Сам сум со себе затоа што требаше и треба да бидам. Немав и немам алтернатива.

Тој е навикнат да биде сам со себе.

-Си навикнал?

-Да, веќе немам проблем. Ми требаше време, но можам да речам дека успеав.

Зачудува тоа што цени дека е успех човек да биде сам со себе.

-Зошто цениш дека си успеал? За каков успех станува збор?

-Прво затоа што ценам дека тоа воопшто не е лесно, особено ако си научил да бидеш со едни, со други, дури и по цена да не бидеш сам со себе, а потоа поради фактот што состојбата на човек сам со себе е всушност самосвесност и верување во сопствените сили. Кога е човек сам со себе, секогаш на крајот е совреме. Неретко успева и да се надмине себеси.

Тој е сам со себе во свет преполн со дребнулии и минливости од една, и  никогаш доволно вредности и трајности од друга страна. Обично обѕидан со молк.

Некогаш му се восхитувам.

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 79