Одамна е утврдено дека денес на секој четврти вид на цицачи на Земјата му се заканува истребување, а помеѓу најголемите опасности се климатските промени, особено масовната сеча на шумите, но и ловокрадството и трговијата со животни-бизнис од кој секоја година се заработува помеѓу 5 и 8 милијарди долари и чии жртви се над 350 милиони растенија и животни.
Од животните најзагрозени се мајмуните, тигрите, големиот панда, слоновите, носорозите, тибетантските антилопи, морските желки, разни видови на крокодили и змии, а од птиците папагалите, жеравите и фазаните.
Едно од најзагрижувачките, најалармантните сознанија е дека повеќе од 5.200 животински видови ширум светот се пред изумирање.
Научниците предупредуваат на катастрофалните последици поради игнорирање на законите на природата. Тоа сериозно доведува до нарушување на целиот екосистем и биолошката разновидност.
Идентификувани се 595 области на светот во кои се загрозени некои од животинските видови што живеат во нив. Секоја содржи барем еден животински вид кој може да се најде само во неа.
На пример, џуџестото прасе Sus salvanius е критично загрозено и може да се најде само во Асама во Индија; родригешката летечка лисица Pteropus rodricensis опстојува единствено на островот Родригез во Индискиот океан и се проценува дека бројот на овие ретки животни паднал под 70; герданската шумска потполошка Odontophorus strophium ја има само на две локации во колумбиските Анди (бројот опаднал на помалку од 1.000); мајорканската жаба Alytes muletensis е загрозена не само со исчезнувањето на природната животна средина, туку и со ширењето на нетипични регионални болести; мажјаците на овој вид се познати како „машки мајки” бидејќи по парењето ги носат оплодените јајца на грбот.
Се смета дека на светот останале помалку од 200 мавритански папагали Psittacula eques. Најголем проблем е намалувањето на површините на животната средина на овие птици, но и нивниот натпревар за извори на храна со стаорци и макаки мајмуни, чии видови се доведени при колонизација на островот.
За критично загрозен се смета лемурот Propithecus tattersalli кој може да се најде само на Мадагаскар. Има површина на животна средина од само околу 30 квадратни километри.
Со помалку од 100 примероци Сејшелскиот лилјак Coleura seychellensis се смета за еден од најзагрозените видови на светот. Главна причина за негово исчезнување е загубата на животната средина и туризмот. Се предвидува дека сите 7 видови на овој лилјак ќе исчезнат во следните две децении.
На светот има 38 видови на диви мачки. Повеќето популации се во опаѓање, а некои се во критична состојба.
Тигарот е најголема, но и најчувствителна мачка. Неговата географска распространетост некогаш се простирала западно се до источна Турција, до бреговите на Русија и Кина, и северно од источен Сибир до Индонезискиот остров Бали, но денес е сведена на „џебови” во јужна и источна Азија. Иако постојат 8 подвидови, 3 се истребени од 1950. (тигарот од Бали, Каспискиот и тигарот од Јава), а од 5-те преостанати 3 се критично загрозени. Во природата останаа помалку од 6.000 единки, а нивниот број и натаму опаѓа.
Иберискиот линкс е еден од двата вида на месојадци кои се ендемски во Европа. Вториот е минк. Некогаш вообичаен на Иберискиот полуостров и на исток на Франција, линксот може да се најде на просторот со соодветна густина на флора за неговото дувло, но каде што во близина има отворен простор кај што може да лови зајаци. Овој животински вид е толку загрозен што би можел да стане прв вид на диви мачки кој е истребен за 2.000 години. Според податоците на WWF (World Wildlife Fund), моментно има помалку од 200 единки во две мали зони во Шпанија и Португалија (Cota Danana и Andujar). Во 50-тите години на минатиот век е донесена миксоматозата за да се контролира популацијата на зајаци во Европа, а со тоа линксот ја изгуби главната храна. WWF тврди дека загубата на линксот би била голем срам за Европа, која би можела да го намали својот кредибилитет кога повикува други региони да ги заштитат своите загрозени видови.
Пумата некогаш живеела во поголемиот дел на Северна, Централна и Јужна Америка. Таа е еден од најраспространетите цицачи на Америка, но исчезнала од повеќето свои некогашни станишта во последните 500 години. Позната е и како кугуар, планински лав, пантер на Флорида и црвен тигар. Возрасните пуми се еднобојни, со жолтокостенлива боја, со посветло влакно на градите, стомакот и внатрешната страна на нозете. Тоа им овозможува камуфлирање и често соодветствува на бојата на елените што ги лови.
Пантерот од Флорида е еден од над 20-те подвидови на пумата, кој е критично загрозен, а иста е ситуацијата и со подвидот во Северна Америка. Флорида беше една од првите држави која понуди законска заштита на пантерот и денес е дом на единствената позната преостаната популација во источниот дел на Северна Америка, која брои само 30-50 единки ограничени во исечкани делови на стаништата (со земјоделски површини, населби и патишта).
Во рангирањето на организацијата за заштита на видовите на мачки Cat Specialist Group, најзарозени диви мачки се Иберискиот линкс, тигарот и снежниот леопард. Потоа следат мачката од Борнео, Кинеската планинска мачка, црноногата мачка и кодкод, рамноглавата мачка, Андската планинска мачка, мачката рибар и Африканската златна мачка.
На глобално ниво, лавовите, јаугарите и читите се сметаат за помалку загрозени од претходно набројаните видови. И покрај тоа, постојат варијации во различни региони.
Лавовите главно живеат во изолирани популации во заштитени зони на источна и северна Африка. Се проценува дека ги има помеѓу 30.000 и 100.000. Постои критично загрозена мала популација на Азиски лавови во шумата Гир во Индија.
Јагуарите се поврзани со водата, па поплавеното подрачје на Амазон во Јужна Америка е нивно главно станиште.
Во северна Африка и југозападна Азија леопардите се исто така прогонувани.
Гепардите некогаш ја населувале цела Африка и југозападна Азија. Денес можат да се најдат јужно од Сахара, а во Индија се истребени. Како вид тие се означени како чувствителни од страна на Светската унија за заштита на живите видови, но е еден подвид означен како загрозен, а втор како критично загрозен.
Окапи живее во густите шуми на Заир. Поседува карактеристики на жирафа, коњ и зебра, а е мошне срамежливо животно кое е во состојба да ја почувствува човековата присутност на неколку километри далечина и е мошне тешко да се фати. Тој е тежок околу 250 кг, висок 160 см, има големи уши и усни како жирафа, а мажјакот има две рокчиња. Особено интересно е спогодувањето помеѓу окапиите. Мажјаците и женките „поткашлуваат”, додека младенчињата „пелтечат”. Како знак на предупредување на опасност сите користат долг свиреж. Телесната хигиена ја одржуваат со помош на неверојатно долгиот јазик со кој можат да дофатат голем дел од телото. Окапи е животно со развиени навики и обично се движи по исти патеки. Неговата загрозеност најверојатно е поради недоволен број на потомци.
Климатолозите укажуваат на една нова еколошка појава која директно го загрозува животинскиот (и растителниот) свет: „подводни пустини”.
Станува збор за водени пространства со недостиг на кислород во тропските делови на океаните. Според најнови мерења, во изминатите 5 децении тие се прошириле, на сличен начин како што песочните на копното го освојуваат плодното земјиште. Најверојатна причина е сеопштото затоплување, а климатските предвидувања навестуваат дека тоа ќе продолжи, со можност да ги загрози и морските суштества и морските растенија.
Имено, одамна климатолозите образложуваат дека загревањето на морската површина е плод на човечко дејствување што го спречува природното мешање на водата, што едновремено значи и спречување на кислородот од едни да продре во други слоеви.
Лотар Штрама од универзитетот во Кил (Германија) го мерел распростирањето на кислород на длабочини од 300 до 700 метри, крстосувајќи низ тропските краишта на сите три континенти. Кога податоците се придодадени на поранешните, составена е слика на движењата во изминатите 50 години.
Вкупното количество на кислород е намалено, е соопштено во угледното списание „Наука” („Science”), а делови на источниот Тихи и северниот Индиски океан се наредени во групата на недостаточни, што значи дека животодавниот гас опаднал толку што живиот свет е загрозен.
Во сиромашните води азотот не стапува во меѓудејство со кислородот за да се создаде биолошки достапен нитрат. Организмите на дното на „синџирот на исхраната”, како што се планктоните, не внесуваат доволно хранливи состојци за да преживеат. Конечното влијание врз риболовот е тешко да се предвиди, затоа што се вклучени многу сложени механизми. Извесно е дека истражувањето претставува почетна точка во согледувањето на биохемиските и биолошките последици.
Мошне е важно „подводните пустини” да не се мешаат со „мртви подрачја” во крајбрежните води, од кои најпрочуено е она во Мексиканскиот залив, а настанало со истекување на ѓубриво богато со азот. Затоа се намножиле фитопланктоните; кога тие ќе угинат, микробите кои сега имаат храна во изобилство почнуваат да го вшмукуваат кислородот.
Насочувањето е загрижувачко, објаснува Лоренс Ми од Поморскиот институт во Плимут (Велика Британија). А тоа е само една коцкичка во сложувалката што се нарекува- климатски промени. Спомнатиот истражувач истакнува дека воопшто не е лесно да се каже колку кислородот би требало да опадне за живиот свет да биде погоден.
Доколку подрачјата со недостиг се распространат кон површината, би доспеале до плитките води осветлени од сонцето во кои живеат многу видови на риби.
Веќе се најавува следното проучување во кое соработниците на Националната управа за океани и атмосфера од САД ќе се обидат да исцртаат карта на протегање на океанските води со недостиг на кислород на сите меридијани- и во широчина и во длабочина.